Орјоникидзе: Во добра форма сме, очекувам да го победиме Вардар

Откако претходната недела загуби на домашен терен од Еурофарм Пелистер и ја пропушти можноста да се бори за трофејот од Купот на Македонија, екипата на Охрид целосно се насочува на дуелите во плеј-офот од Суперлигата и битката за подобар пласман и излез во Европа.

А таму, веќе во недела ги очекува тежок испит. Натпревар со Вардар, двократниот европски шампион, кој и покрај тоа што не блеска оваа сезона сепак важи за фаворит и се’ уште е во игра за шампионската титула.

Своите очекувања, во пресрет на дерби средбата, ги сподели грузискиот бек Теимураз Орјоникидзе, кој оваа сезона игра на високо ниво.

„Секако очекуваме да победиме во натпреварот. Добро се подготвуваме, ги анализираме нашата одбрана и нашиот напад, ќе се обидеме да ги поправиме грешките од дуелот со Еурофарм Пелистер, се надевам дека тоа ќе биде успешно и ќе ги освоиме трите бода. Сепак клучна ќе биде нашата игра во одбрана, како и секогаш, во ракометот најважна е одбраната. Ќе се обидеме да го запреме нивниот плејмејкер, Јапонецот Јасухира, да истрчаме контри и да постигнеме лесни голови“, изјави Орјоникидзе.

Грузиецот, кој пред две недели го продолжи договорот со клубот, смета дека Охрид има сили и е способен да заврши во најдобрите три екипи на табелата.

„Мислам дека досега ние сме во многу добра форма. Победивме на многу важни натпревари и се надевам дека ќе продолжиме така. Ќе го дадеме најдоброто од себе да победиме како на овој натпревар така и на останатите и на крајот ќе бидеме во ТОП 3 на табелата“, дециден е грузискиот интернационалец.

Натпреварот меѓу Охрид и Вардар се игра во недела, 31 март, со почеток во 18:30 часот во спортската сала „Билјанини Извори“.