Орјоникидзе со порака: Ракометот се „врати“ во Грузија – сега гледаме само кон победи!

Капитенот на машката репрезентација на Грузија, Теимураз Орјоникидзе, ја сумираше сезоната во која националниот тим одново обезбеди место на континенталниот собир во Данска, Шведска и Норвешка.

Ракометарот на Охрид имаше значајна улога во патот на Грузија до ново учество на ЕП, но неговото учество таму е неизвесно откако ги скина лигаментите во мај.

„Ова беше навистина успешна година за грузиската репрезентација. Долги години имавме проблем со нестабилност, особено на гостински терен. Но, овој квалификациски циклус покажа дека тоа остана зад нас“, вели Орјоникидзе.

Левиот бек истакна дека клучот за напредокот не лежи само во залагањето на играчите и тренерите, туку и во темелната и посветена работа на новото раководство на федерацијата.

„Играчите и стручниот штаб работат со максимална посветеност, но најновите резултати немаше да бидат возможни без професионалниот и сериозен пристап на новото раководство на федерацијата. Нивната организација ни овозможи ние, како тим, да бидеме целосно фокусирани само на ракометот. Сите потреби – од мали до големи – се навреме и квалитетно решени. Ракометот се врати во Грузија“, заврши Орјоникидзе.

Грузија која покрај Орјоникидзе, ги има Дикаминџија, Сковребадзе, Каланадзе, Рустамов, Цинцадзе…ќе биде во тешка група на ЕП 2026 и ќе игра против Шведска, Хрватска и Холандија.