Ојлески: Во Прага почнуваме од 0-0

Тимот на Охрид го очекува реванш натпреварот од осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп против Дукла Прага.

Капитенот на „гладијаторите“, Гоце Ојлески, ги сподели очекувањата од пресметката со чешката екипа, која покажа дека може да биде незгодна.

„Првиот натпревар го добивме со девет гола разлика. Mожеби требаше со повеќе меѓутоа имавме мал пад во финишот од мечот. Дали ќе биде доволно не можам да кажам, секако дека ова е нов натпревар, почнуваме од 0-0 и одиме во Прага да одиграме квалитетно и да не размислуваме на гол разликата. Се подготвуваме најдобро што можеме и сигурен сум дека ќе одиграме нов квалитетен натпревар и ќе извојуваme нова победа. Дукла се покажа како борбена екипа која што не се предава. Знаеме дека ќе биде тежок натпревар, домаќинот ќе сака победа, па затоа ние треба да влеземе со ладни глави и да ја играме нашата игра. Само така можеме до следната рунда“, изјави Ојлески.

Натпреварот меѓу Дукла Прага и Охрид се игра в сабота со почеток од 18:00 часот.