Ојлески: Вардар не смее да си дозволи кикс, ако ни се пружи шанса – ќе ја искористиме

Ракометарите на Охрид ги очекува уште еден тежок натпревар, а претстојниов викенд ќе им гостува Вардар.

Охриѓани на последниот меч со „црвено-црниот“ тим беа пред триумф, но дозволија во финишот гостите да си заминат победнички за Скопје.

Левото крило Гоце Ојелски вели дека ќе пробаат сега да го направат тоа што го пропуштија минатиот пат.

„Вардар не смее да си дозволи кикс, оди на освојување на титулата оваа сезона во Супер лигата. Мислам дека на повеќе натпревари што ги игравме со нив, покажавме дека можеме да се носиме и дека сме тука некаде со квалитет. Ќе пробаме да го дадеме максимумот на овој дуел и да направиме што подобар резултат, дали тоа ќе биде доволно за да оствариме победа, ќе видиме. Последниот меч со нив водевме во голем дел од мечот, но не беше позитивен крајот за нас. Дали ќе го повториме не знам, но ќе дадеме се од себе да покажеме дека сме научиле нешто од претходниот меѓусебен дуел и сега да го поправиме“, вели Ојлески.

Тој најави дека можеби сега ќе се обрне повеќе внимание на шутерот Борозан.

„Вардар е квалитетен на сите позиции, покриен со квалитетни играчи. На последниот натпревар Вуко Борозан беше нивен лидер и не можевме да го запреме, можеби сега ќе пробаме некоја поинаква тактика, за да не дозволиме да се разигра да шутира како што знае. Ако ни се пружи шанса овојпат против Вардар, нема да ја пропуштиме“, заврши Ојлески.

Натпреварот меѓу Охрид и Вардар се игра в недела во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 18:30 часот.