Ракометарите на Охрид ги очекува можеби најважната недела во оваа полусезона – со едно домашно дерби против тимот на Кирил Лазаров и потоа натпревар од ЕХФ Европскиот Куп со Слога Добој.
Капитенот на „гладијаторите“, Гоце Ојлески, вели дека тимот посакува победа, иако распоредот е густ и се игра на секои три дена.
„Пред нас е тешка недела со две тешки средби. Во среда доаѓа на гости тимот од Автокоманда, кој претендира на врвот во македонскиот ракомет. Имавме натпревар со нив во првото коло, одигравме доста добар натпревар, но тоа е минато. Сега ќе играме нов натпревар, тие се подготвуваат да не победат. И ние истото го правиме, ги анализираме. Секако дека посакуваме победа. Ќе дадеме се од себе да оствариме победа. Распоредот е густ, ни следува и европски натпревари, играме на секои три дена. Можеби е потешко затоа што нема многу време за подготовка. Имаме добра екипа, голем ростер и можеме да одговориме на сите предизвици“, изјави Ојлески.
Натпреварот меѓу Охрид и „сино-белите“ од Автокоманда се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 19:00 часот.
























