Охриѓани го чекаат тимот на Лазаров: Сакаме да го одбраниме домашниот терен

Ракометарите на Охрид по лесната победа над Пролет и тоа со половина сили, ги очекуваат двата најважни натпревари оваа полусезона.

В среда во Охрид гостува екипата на Кирил Лазаров, која загуби убедливо на дербито со Вардар. „Сино-белите“ не успеаја да го победат Охрид во првото коло, а „гладијаторите“ кои гостуваа на сите три дерби средби, сега го играат првото дерби на домашен терен.

Десното крило Дарко Ѓукиќ беше меѓу најдобрите на првиот меѓусебен меч во Автокоманда, кој заврши реми, 26-26 иако охриѓани можеа да слават. Српскиот репрезентативец ги сподели очекувањата од дуелот во среда.

„Гостинскиот тим е тежок противник, еден од тимовите кои ќе се борат за титулата оваа година. Максимално треба да влеземе во натпреварот и се надеваме на два бода. Сакаме да го одбраниме нашиот домашен терен, како и до сега оваа сезона“, вели Ѓукиќ.

Натпреварот меѓу Охрид и „сино-белите“ од Автокоманда се игра в среда од 19:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“, која досега сезонава е неосвоена тврдина за гостинските екипи, а веќе в недела на 16 ноември, Охрид го чека и пресметка од ЕХФ Европскиот Куп против босанската екипа Слога Добој од 18:00 часот.