Во дерби дуелот од 13. коло од Супер лигата меѓу Бутел Скопје и Охрид на победа се радуваа „гладијаторите“ кои триумфираа со 33:28. Бутел парираше до 37 минута, потоа Охрид влезе во една убава серија и до крајот на натпреварот беше подобриот противник на теренот.
По нерешените 2:2, домашниот тим врза два гола во низа и за првпат во воведниот дел дојде до ,,плус два”, 4:2. Бутел во уште еден моменти ја имаше максималната предност пред Охрид да направи камбек. По десет минути игра, на семафорот имаше две петки.
Следуваше период, во кој двете екипи имаа свои моменти, а по предноста на Бутел од 7:5, гостите со серија од 3:0 за првпат поведоа со 8:7 во 13 минута. До крајот на полувремето продолжи големата борба на теренот.
По петнаесетина минути игра резултатот беше нерешен, 9:9, додека за десет минути подоцна немаше промена, беше 13:13. До крајот на полувреме двете екипи постигнаа по два гола, па така по 30 минута игра беше 15:15.
Играта гол за гол продолжи до 36-37 минута, потоа Охрид ја презеде иницијативата, започна да има контрола, ги казнуваше грешките на домаќините, се одлепи на 24:18 и стекнатата предност умешно ја одржуваше до крајот.
Најефикасен во победничката екипа беше Гал Цирар со седум гола, во поразениот табор се истакна Филип Николов со шест реализации.
Бутел во следното коло ќе гостува во Автокоманда, а Охрид на свој терен ќе го пречека Прилеп.