„Охриѓанецот“ Борозан нема да и помогне на Црна Гора во битката за мундијалски билет

Црногорската репрезентација се собра за првпат по настапот на Европското првенство, но списокот за квалификацискиот двомеч со Финска за пласман на Светското првенство донесе неколку изненадувања. Меѓу отсутните, најмногу внимание привлекува левиот бек на Охрид и еден од најдобрите стрелци на „лавовите“, Вуко Борозан.

Директорот на репрезентацијата, Васко Шеваљевиќ, објасни дека искусниот ракометар требало да биде дел од оваа акција, но новата повреда го спречила да се стави на располагање.

„По Европското првенство разговарав со Вуко и тој ми кажа дека има желба и мотив да продолжи да игра за репрезентацијата. Но, сите знаеме дека има тело склоно кон повреди и дека веќе долго време се соочува со хронични проблеми. Никогаш не се знае каква ќе биде ситуацијата кога е во прашање неговото здравје“, изјави Шеваљевиќ за „Лоб Спорт“.

Неколку дена пред почетокот на подготовките, Борозан го известил раководството на националниот тим дека заработил нова повреда на задната ложа.

„Беа направени анализи и се покажа дека повредата не е премногу сериозна, но реалноста е дека во овој момент не можеме да сметаме на него. Дури и самиот спомена дека можеби би играл и покрај препорачаната пауза од две недели, но на нас ни се потребни здрави играчи кои можат да го дадат максимумот на теренот“, додаде Шеваљевиќ.

Покрај Борозан, на списокот ги нема ниту Стеван Вујовиќ, кој Европското првенство го заврши со повреда на скочниот зглоб и коленото, како и средниот бек Милош Божовиќ, кој сè уште не е целосно опоравен од повредата на стапалото. Во меѓувреме, досегашниот капитен Мирко Радовиќ ја заврши репрезентативната кариера, а за претстојните натпревари отпадна и левиот бек Арсеније Драгашевиќ.

„Стеван имаше сериозна повреда и не знаеме дали и кога ќе продолжи со кариерата. Тој со години беше важен дел од репрезентацијата и му должиме голема благодарност. Радовиќ се прости од националниот тим, а ситуацијата со Божовиќ внимателно ќе ја следиме. За Борозан ќе видиме како ќе се развиваат работите“, заклучи Шеваљевиќ.

Црна Гора ќе игра двомеч со Финска во вториот бараж за СП 2027, а доколку ја мине оваа пречка ќе се соочи со Словенија во мај во третиот и последен бараж за Мундијалот во Германија.