Ракометарите на Охрид се пласираа во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп со двојна победа над чешката екипа Дукла Прага и со нетрпение ја очекуваат ждрепката во Виена.
Во оваа фаза веќе нема поделба на екипите по шешири и секоја од екипите има седум потенцијални ривали во ТОП 8. Потенцијалните ривали на Охрид би ги поделиле на три дела, иако македонскиот претставник може да биде конкурентен на сите и да ги елиминира сите.
Одлична ждрепка за „гладијаторите“ би биле екипите на Извиѓач Љубушки, турската Бурса Нилуфер, како и чешката Карвина.
Потешки ривали би биле грчкиот Олимпијакос, романскиот Бузау и словенечкиот Целје, со кои Охрид сигурно нема да има лесна задача, но ќе има шанси за прогрес, а убаво би било во оваа фаза да се избегне унгарската Татабања, можеби најсилниот тим во овој Куп.
Ждрепката за четвртфиналните и полуфиналните парови е денеска во Виена со почеток од 11:00 часот. Натпреварите од четвртфиналето се на програмата на 27/28 март и 4/5 април.
























