Tребаше да биде дерби, и така личеше во првите 20-тина минути од средбата. Охрид имаше добар почеток во Битола и водство, а потоа за пет минути му дозволи на домаќинот не само да направи пресврт, туку и да поведе со пет гола, и да го реши натпреварот.
Еурофарм Пелистер триумфираше со 34-30 и остана на делба на првото место на табелата заедно со Вардар, и ако се биде како што се очекува тогаш последното коло во „Јане Сандански“ ќе решава за тоа кој ќе биде шампион. Дотогаш мора да се одработат сите мечеви што следат.
Дека во Битола може да биде интересно беше најавено уште по десет минути игра кога домашниот тренер Раул Алонсо беше приморан да бара тајмаут. Неговите ракометари имаа негатива, а Охрид дури и прелесно постигнуваше голови. А гостите допатуваа без тројца клучни ракометари кои ги немаат во тимот, Орјоникидзе, Јотиќ и Сафранко. Охриѓани имаа водство од „плус 2“. И така беше се до 19 минута. Тогаш гостите имаа предност од 9-8.
И наместо да продолжат во исто темпо, гостите „едноставно застанаа“. Му препуштија на Еурофарм Пелистер набрзина, за само пет минути да постигне 6 гола во серија и да зголеми на 14-9. Не помогна ниту тајмаутот што Стефче Алушовски го побара во 23 минута, бидејќи по него наместо да постигнат гол, Охрид прими гол.
Тој лош период продолжи, иако на до крај на првото полувреме петката беше намалена на тројка, и Еурофарм Пелистер замина во соблекувалната на одмор со предност до 17-14.
Второто полувреме Охрид успеа неколкупати да дојде на само два гола негатива, но без сила да направи пресврт. Битолчани славеа заслужено.
Филип Кузмановски со 9 гола беше најефикасен на средбата, а во домашниот тим четири гола даде Мамдух Шхабиб. Во тимот на Охрид најпрецизни беа Никола Јукиќ со 7 и Хирохи Мацуока, Живан Пешќ и Дејан Кукуловски сите со по 5 гола.