Охрид стартуваше со подготовките: Алушовски и „гладијаторите“ се вратија во погон

Тимот на Охрид денеска ги започна подготовките за новата ракометна сезона во која клубот влегува со големи амбиции.

На првата прозивка на шефот на стручниот штаб Стевче Алушовски, во СРЦ „Билјанини извори“ се одзваа сите сите играчи, вклучително и новите засилувања, освен Луцијан Бура.

Хрватот на екипата ќе и се приклучи по завршување на обврските во Париз, каде како светски шампион во ракомет на плажа го промовира овој спорт кој претендира да стане олимписки спорт.

На првиот тим на стартот на подготовките му се приклучија и Петар Николоски и Матео Силјаноски од младинскиот погон на Охрид, со што клубот продолжува да им дава шанса на играчите од сопствената школа.

„Костурот е задржан а екипата се засили со петмина квалитетни играчи со цел да ги подобри резултатите остварени минатата сезона. Клубот во сезоната 2024/25 ќе настапи и во ракометна Европа што ќе биде мотив повеќе како за играчите, така и за целокупната организација, Охрид да се претстави во што подобро светло“, велат од Охрид.

Екипата подготовките комплетно ќе ги реализира во Охрид каде од 20 до 24 август ќе биде домаќин на силниот меѓународен турнир „Крсте Андоновски“. Од 29 август до 1 септември „гладијаторите“ ќе учествуваат на турнирот во Прилеп, а се прават напори да се обезбедат и дополнителни подготвителни средби во зависност од потребите.