Oхрид со победничко загревање за Европа

Ракометарите на Охрид имаа победничко загревање за натпреварите од ЕХФ Европскиот Куп, откако на домашен терен прославија лесна победа над Радовиш со 35-17, во првиот меч од 7 коло во Супер лигата.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога „гладијаторите“ за кои не настапија Вејин, Тасески, Joтиќ…ја направија клучната предност, а во второто полувреме одработија рутински.

Радовишани одржуваа рамнотежа петнаесетина минути, 8-7, а потоа Лиапис, Петриќ и Савревски донесоа плус четири, 11-7, а на паузата избраниците на Борис Ројевиќ отидоа со пет гола предност, 16-11.

На стартот на вториот дел охриѓани предводени од голманот Ѓорѓески не примија гол осум минути, а за тоа време постигнаа осум во противничката мрежа за 24-11 и немаше потоа никакви возбудувања на теренот.

По шест гола постигнаа Ѓукиќ и Петриќ, а пет пати во листата на стрелци се запиша Савревски, додека голманот Ѓорѓески имаше осум интервенции. Кај Радовиш шест гола даде Каковски, кој во вториот дел доби црвен картон поради приговор.