Охрид со лесен триумф над Струга се загреа за Слога Добој

Со цел да имаат повеќе време за одмор пред патувањето во Босна и Херцеговина на реваншот од Купот на ЕХФ, Струга и Охрид први го одиграа својот домашен натпревар од 13. коло, што очекувано го добија охриѓани, со 29-23. Мечот наместо во Струга се одигра во Охрид, но тоа многу не влијаеше на играта, зашто „гладијаторите“ беа и ја оправдаа фаворитската улога.

Струга својот прв гол го постигна дури во 7. минута од мечот, откако Охрид претходно поведе со 3-0. Гостинскиот тренер Борис Ројевиќ во составот ги имаше и Илија Трајчески, Даниел Ѓорѓески, Никола Ристески.
Брзото водство на Охрид ос 7-1 го примора тренерот Жарко Ферукоски да побара тајмаут уште во 12 минута.

Но, супериорноста на Охрид продолжи, а стружани својот втор гол го постигнаа во 17 минута кога намалија на 10-2. Победникот беше јасно кој ќе биде, но мораше да се одработи натпреварот до крај. На полувреме Охрид веќе водеше со 18-8.

Во вториот дел и Охрид го намали темпото, па резултатот беше околу 8 гола предност, а во самата завршница на дуелот стружани намалија и на подносливи 6 гола. Скапо ја „продадоа кожата“ стружани, иако и Охрид не беше комплетен, ниту пак го имаше темпото на игра што е вообичаено за нив.

Ахмед Мајдпуб со 5 гола и Стефан Атанасовски со исто толку погодоци беа најефикасни кај Струга, додека Стефан Петриќ и Никола Ристески со по 5 гола кај Охрид.

Охриѓани викендов во Градишка треба да го играат реваншот од Купот на ЕХФ против Слога Добој, и да потврдат дека ќе презимат во Европа и ќе се бара шанса да се стигне што подалеку во европските купови.