Охрид сака трофеи – носи МЕГА засилување ВЕДНАШ!

Екипата на Охрид продолжува јасно да ја гради својата амбициозна приказна, а во тој контекст сè поизвесен е и трансферот на Вуко Борозан. Како што дознава 24Ракомет, доскоро левиот бек на „црвено-црните“ е пред преселба во градот покрај езерото, чекор кој може да биде добивка за двете страни.

Охрид се раздели со Теимураз Орјонокидзе и Младен Крсманчиќ, отворено е место за нов ракометар, па доаѓањето на Борозан би донело поголема ротација во составот на Борис Ројевиќ, искуство плус во напаѓачката линија, но и цврстина во одбраната.

Охрид има јасна визија и сериозни амбиции, а резултатите од есенскиот дел се силен аргумент за тоа. Во „Билјанини Извори“ паднаа и два големи фаворити, „зелените“ – Еурофарм Пелистер и „сините“ од Автокоманда, што е јасен сигнал дека охриѓани се подготвени за „чекор напред“. Со вакви резултати и настап во Купот на ЕХФ напролет, Охрид отворено најавува дека во блиска иднина сака да се вклучи и во трката за трофеи. Охриѓани првпат ќе презимат во Европа, со реални шанси да дотуркаат и подалеку во овој Куп.

Дополнителна сила на проектот е и интернационалниот состав, во кој странските ракометари носат искуство и квалитет, а домашните играчи добиваат простор за раст и докажување. Иако Борозан се поврзуваше со камбек во татковината и потпис за Будванска Ривиера, но и со Слован Љубљана, или трансфер во Кувајт, Катар, ОАЕ…сепак се чини дека ќе остане во Македонија.

Доколку трансферот се реализира, тоа ќе биде уште една потврда дека Охрид не гради само тим за една сезона, туку проект што постепено сака да се позиционира меѓу најсилните во македонскиот ракомет. За Борозан, Охрид би бил трет македонски клуб, по настапите за Металург и Вардар.

Останува да се види кога клубот ќе го потврди трансферот, и под кои услови левиот бек се сели покрај Охридско Езеро.