Ракометарите на Охрид веќе постигнаа најголем клупски успех со пласманот во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп, но амбициозното раководство и стручниот штаб не планира да застане тука.
По лесните пречки во второто и третото коло, азербејџанскиот Баку и босанската Слога Добој, кои беа елиминирани со високи разлики, сега доаѓа посериозна пречка во името на Дукла Прага. Во ростерот за ЕХФ Европскиот Куп тимот на Дукла Прага има регистрирано 22 ракометари, меѓу кои само еден интернационалец – словачкиот пивот Матуш Моравчук.
На четири меча досега во ЕХФ Купот, исто како и во домашното првенство најдобар стрелец е левиот бек Јозеф Јонас со 34 гола (осум по меч), па тренерот Борис Ројевиќ знае на кој треба да обрне внимание во одбраната. Меѓу најдобрите стрелци беа и централниот бек Јакуб Свитак (15), левото крило Мартин Ракоуски (13), а десниот бек Даниел Еребаи и десното крило Јакуб Крусберски постигнаа по 12 гола против Констанца и Драма во претходните рунди.
Охрид сигурно ќе има потешка задача отколку со Баку и Слога Добој, но ќе ја има фаворитската улога. Дукла Прага не смее во ниту еден момент да биде потценета, бидејќи тоа може да се врати како бумеранг, но далеку од тоа дека охридските ракометари треба да се плашат, треба само максимално сериозно да ја одработат задачата по насоките на Ројевиќ и нема да имаат проблеми.
Натпреварот меѓу Охрид и Дукла Прага се игра вечерва во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот.

























