Охрид пазареше во Автокоманда – донесе бек!

Амбициозниот состав на Охрид полека го комплетира ростерот за следната сезона, а најновото засилување за „гладијаторите“ ќе биде македонскиот репрезентативец Давид Савревски.

Според информациите на 24Ракомет, младиот десен бек и Охрид се блиску до постигнување на договор, па тој би формирал трио со српскиот репрезентативец Предраг Вејин и младиот охриѓанец Никола Шипинкоски.

Десниот бек Савревски потекнува од Илинден Вардар, каде што работеше со Александра Јанев, беше дел од младинските тимови на Вардар каде тренираше под палката на Андријана Будимир, пред да биде прекомандуван во Работнички и потоа во Вардар.

Веќе трета сезона е дел од „сино-белиот“ состав од Автокоманда, но добива минутажа на „парче“ и најчесто има дефанзивни задачи, па во Охрид би имал повеќе простор за игра.

Охриѓани досега донесоа квалитетни странски засилувања – бековите Предраг Вејин, Анте Иванковиќ и Тилен Стрмљан, како и кружниот напаѓач Лиапис, а потенцијално засилување е и египетскиот чувар на мрежата, Карим Хендави.

Новиот стратег Борис Ројевиќ, кој се обврза на тригодишна верност, ќе има на располагање добар ростер и ќе се обиде да донесе некој трофеј во витрините на Охрид.

Охриѓани летово ќе ја темпираат формата на домашниот меморијален турнир, каде ќе имаа силни проверки и натпревари против Вардар, Еурофарм Пелистер, Нексе, Партизан…