Охрид од Србија ќе фаќа залет за пролетниот дел од сезоната

Ракометарите на Охрид се на пауза по најуспешната полусезона, а желбите на раководството, стручниот штаб и играчите е во јуни да се заокружи сезоната како најуспешна во клупската историја.

„Гладијаторите“ ги очекуваат големи предизвици во пролетниот дел и на домашна и на меѓународна сцена.

Главниот дел од подготовките ќе се одработи во Врбас, каде ќе се тренира од 8 до 16 јануари, а потоа следува настапот на турнирот „Вук Рогановиќ“ на 17 и 18 јануари. Полуфинале ривал на Охрид е Динамо Панчево, а во другото полуфинале ќе играат Партизан и Тримо Требње.

На 7 февруари е стартот на Супер лигата, од која треба да се доиграат уште четири кола од регуларниот дел од сезоната, а потоа на 28 февруари ќе стартува и плеј-офот.

За Охрид во февруари следуваат уште две средби од меѓународен карактер – против Дукла Прага од осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп.