Тимот на Охрид го претстави своето најново засилување – кружниот напаѓач Џанфранко Прибетиќ, кој се обврза на верност до 2028 година. Како што најави 24Ракомет, хрватскиот пивот ќе му се приклучи на клубот во јануари.
Прибетиќ е роден на 28 април 2000 година во Риека, Хрватска и игра на позиција пивот. Ракометно пораснал во Пореч, а во 2019 година направи голем чекор напред со трансфер во хрватскиот вицешампион Нексе, со кој стекна богато искуство во ЕХФ Европската лига. Летото 2024 година потпиша за Штутгарт, клуб од Бундес лигата, со договор до 2026 година. Сезонава одигра 17 меча за клубот и постигна 16 гола.
Дополнителен печат на неговиот профил е и настапот за младинската репрезентација на Хрватска, со која на кадетското ЕП во 2018 година заврши на 4. место и беше избран за најдобар дефанзивец на турнирот. Со висина од 196 сантиметри и тежина од 100 килограми, тој носи комбинација од сила и сериозно дефанзивно искуство.
Охриѓани се засилија со неколку ракометари во текот на сезоната, а последниот што го ангажираа е Ален Ќосевски, десното крило на Вардар.
Охриѓани ја завршија 2025 година со убедливи победи, серија од четири триумфи по ред и биланс 14 победи едно реми и 3 порази со 29 освоени бода, со што се позиционираа во самиот врв на табелата и најавија напад на највисоките места во првенството и сериозна улога во Европа. Продолжуваат и со настапите во Купот на ЕХФ.

























