Охрид му посака добредојде на големото засилување: Борозан е нов „гладијатор“

Црногорскиот репрезентативец Вуко Борозан по настапите за Металург и Вардар, ќе го носи дресот на амбициозниот Охрид.

Како што најави 24Ракомет, левиот бек треба да биде големо засилување за стратегот Борис Ројевиќ и да помогне во исполнувањето на целите за оваа сезона.

Охрид има јасна визија и сериозни амбиции, а резултатите од есенскиот дел се силен аргумент за тоа.

Во „Билјанини Извори“ паднаа и два големи фаворити, „зелените“ – Еурофарм Пелистер и „сините“ од Автокоманда, што е јасен сигнал дека охриѓани се подготвени за „чекор напред“.

Со вакви резултати и настап во Купот на ЕХФ напролет, Охрид отворено најавува дека во блиска иднина сака да се вклучи и во трката за трофеи. Охриѓани првпат ќе презимат во Европа, со реални шанси да дотуркаат и подалеку во овој Куп.

Oхриѓани претходно се разделија со Младен Крсманчиќ и Теимураз Орјоникидзе, а сега го пополнија ростерот со бек што игра во двата правци.