Охрид комплетираше македонско трио голмани

Покрај интернационалци, екипата на Охрид за следната сезона ангажира и домашни ракометари за кои смета дека ќе се вклопат во нивниот амбициозен проект, а едно од засилувањата е голманот Бојан Блажески.

Како што најави 24Ракомет, Блажески потпиша договор на две сезони и ќе го брани голот на Охрид најмалку до 2027 година. Ќе формира трио заедно со Градимир Чаневски и Даниел Ѓорѓески.

Препознатлив по својот стил на бранење, и „стегач“ на главата, беше еден од заштитните знаци на Бутел осум сезони. Со своите пантерски одбрани и паради беше несовладлива пречка за многу играчи.

Потекнува од школата на Металург каде настапуваше за вториот и за првиот тим, а има настапувано и за Борец од Велес.

Бил и кадетски и младински репрезентативец на Македонија, а целосната афирмација ја стекна во Бутел од 2017 година кога екипата е формирана, и трипати играше во европските купови со Бутел.