Охрид ќе „гори“, „Рибари“ се мобилизираат – познати се судиите за дербито покрај езерото

По трите врзани гостувања кај директните конкуренти за врвот на табелата во Супер лигата, ракометарите на Охрид за првпат ќе играат на домашен терен.

Прв гостин е „сино-белиот“ тим од Автокоманда, кој во досегашните 13 пресметки со Охрид, меѓу кои и дуелот од оваа сезона, има дури 11 победи, едно реми и еден пораз.

Единствениот пораз е на гостински терен на 3 март минатата година, а сега охриѓани охрабрени по ремито во првото коло очекуваат триумф на „гладијаторите“.

Навивачите „Рибари“ се мобилизираат, се очекува салата да биде исполнета и да има голема поддршка за „гладијаторите“ во битката за позитивен резултат.

Судии на овој натпревар ќе бидат Даниело Божиновски и Виктор Начевски, додека делегати се Камер Металари и Славчо Каланоски.

Терминот за старт е 19:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.