Oхрид како на тренинг против Баку – со плус 50 во трето коло од ЕХФ Купот!

По убедливата победа на првиот меч со 44-11, ракометарите на Охрид прославија уште еден убедлив триумф над азербејџанскиот Баку со 38-21.

Без Ојлески, Чаневски, Иванковиќ, повредените Јотиќ и Вејин, а во игра не влегуваа ниту Стрмљан, Ѓукиќ, Ѓорѓески, Моралес и Лиапис, охриѓани беа пресилни за гостинскиот состав.

Охридската публика имаше можност на дело да ги види домашните таленти Трајчески, Ристески, Пупунцоски, Крстевски и Шипинкоски, кои практично беа целиот меч на терен.

По првото полувреме 23-9 и беше решен победникот, а во второто полувреме домаќините продолжија во ист стил и го полнеа гостинскиот гол.

Давид Савревски имаше девет гола, седум пати погоди Кукуловски, додека Шипинкоски шест пати се запиша во листата на стрелците. Голманот Блажески запиша девет интервенции, а Крстевски одбрани седум удари.