Охрид како на тренинг – и даде 40 гола на Струга!

Ракометарите на Охрид ја запишаа првата победа во новата сезона од суперлигашкото друштво и по ремито во Авткоманда, ја совладаа Струга со убедливи 40-16 во езерскиот двобој во СРЦ „Билјанини Извори“.

Домашните поведоа со 6-0 по пет минути игра и тоа веднаш беше знак за тренерот Жарко Ферукоски да побара тајм-аут, но и покрај тоа беше јасно каков тек ќе има овој натпревар до крајот.

Беше 13-1 по 13 минути игра, а Савески ја прекина црната серија. „Гладијаторите“ до крајот на полувремето успеаја да ја зголемат предноста, 24-7, а вториот дел беше одработен како полесен тренинг.

Стратегот на Охрид ротираше во составот, па сега Цирар играше место Ѓукиќ, го немаше голманот Блажески, а во ростерот беа Трајчески, Бојаниќ, Ѓорѓески…додека Струга во очекување на странските засилувања, пружи колку што можеше.

По седум гола имаа крилата Цирар и Ристески, а голманот Ѓорѓески запиша девет интервенции само во второто полувреме. Кај стружани се истакна кружниот напаѓач Атанасовски со шест погодоци.