Охрид им се врати на победите

По поразот од Вардар во минатото коло, ракометарите на Охрид им се вратија на победите во Супер лигата и славеа против Еурофарм Пелистер 2 со 33-20.

Сега „гладијаторите“ имаат 23 бодови на третото место на табелата зад Вардар 30 и Еурофарм Пелистер со 26. Во следната рунда ги очекува гостување кај незгодниот Тиквеш во Кавадарци.

Избраниците на Александар Зарков водеа само на стартот со 1-0, а потоа се беше во знакот на охриѓани. Петриќ и Ѓукиќ погодуваа и домашните само ја зголемуваа разликата во нивна корист која на паузата беше седум, 16-9.

Вториот дел беше прилика за шанса да добијат сите играчи од двете екипи, а домашните со лесни голови од контранапади ги казнуваа грешките на битолчани за конечна победа со 13 голови разлика.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ристески со шест гола, како и Лиапис, Ѓукиќ и Петриќ со по пет, а голманите Пилиповиќ и Блажески собраа 12 интервенции. Кај Еурофарм Пелистер 2 најдобар беше Мохамед Азиз со шест погодоци.

Во следното коло младите битолчани ќе играат на домашен терен против Бутел Скопје, додека Охрид ќе му гостува на Тиквеш.