Ракометарите на Охрид иако беа пред победа, примија погодок во последната секунда и на крајот освоија само бод на гостувањето кај „сино-белите“ во Автокоманда, 24-24. Гостите беа подобар ривал во првото полувреме, на стартот на второто домаќините направија голем пресврт и поведоа со четири гола, но „гладијаторите“ покажаа карактер во финишот. Успеаја охриѓани да се вратат во егал, имаа и водство, но дозволија домаќините со акција за три секунди да стигнат до реми на овој дуел.
Ѓукиќ беше предводник на нападот на Охрид со пет гола, Иванковиќ даде четири, а голманот Блажески беше одличен со десет одбрани, дел од нив во клучните моменти кога се кршеше резултатот. Во домашниот состав странците Борзаш со шест и Тордарсон со пет беа најдобри стрелци.
Избраниците на Борис Ројевиќ го диктираа темпото и имаа резултатска контрола, а домашните беа тие што бркаа негатива во текот на целото прво полувреме. Блажески беше добар на голот и успеа да им фати три удари од далечина на противничките ракометари, а Савревски доминираше во охридскиот напад.
Момците на Кирил Лазаров постојано се враќаа во егал, но во финишот на полувремето Охрид одново се одлепи на плус два, 12-10, со голот на Ѓукиќ, па македонскиот селектор мораше да бара тајм-аут. На паузата гостите водеа со 13-11, а можеа и до плус три ако Кизиќ не го запреше ударот на Тасески.
Домашната одбрана со Карасманакис и Аларов во средината заигра подобро на стартот на второто полувреме, па беше направен комплетен пресврт со серија од три гола и водство со 16-15. Имаа момците на Лазаров шанса и за плус два, но Блажески го запре ударот на Костески.
Видлива беше малата криза во охридскиот напад, кој десетина минути немаше погодок, се разбрани и Кизиќ, а за тоа време неговите соиграчи направија серија од шест гола, 19-15. Потоа Ојлески ја прекина црната серија од пенал, а Ѓукиќ казни две домашни грешки и намали на 19-18.
При 20-19, Ѓукиќ и Лиапис погодија стативи, а на спротивната страна два пати по ред реализира Серафимов од далечина за 22-20. Домашните не искористија две прилики да ја зголемата предноста и на три минути до крајот Охрид тргна во напад за нерешено што го реализира Вејин, 22-22.
Тимот на Лазаров не успеа да организира напад, казнија гостите, но набрзина Борзаш исто така стрелаше прецизно и останаа уште триесетина секунди до крајот. Охрид одигра добар напад, Иванковиќ реализираше а на три секунди Лазаров побара тајм-аут. Домаќините организираа брз напад, Борзаш додаде до Карасманакис, кој беше прецизен за 24-24 и поделба на бодовите.
Во следното коло Охрид ќе ја пречека Струга во езерскиот двобој, додека тимот на Лазаров ќе гостува кај Тиквеш во Кавадарци.