Охрид го живее европскиот сон: На ревашот во Прага со плус девет

Охрид чекори по вистинскиот пат кон најдобрите осум екипи од Европскиот куп, откако во спортскиот центар „Билјанини извори“ го совлда составот на Дукла Прага со 30-21(16-9). Висока предност пред реваншот како доказ за квалитетот и мотив плус за заверка на билетот за следната четвртфинална фаза и продолжение на европскиот сон.
Гостите од Прага делуваа конфузно на почетокот на натпреварот, а тоа најмногу се одрази во нападот кога десетина минути не можеа да го совладаат Пилиповиќ. Домашните ракометари имаа неколку неискористени шанси за зголемување на предноста, но останаа само на максимални „плус девет“ во првиот дел. Грчкиот репрезентативец во редовите на Охрид, Љапис заработи повреда во 8. минута на натпреварот, па тоа отвори простор во средината на одбраната на Охрид за ракометарите на Дукла конечно да почнат да бројат голови. Охриѓани трпеливо ја градеа предноста од самиот почеток, до 11 минута имаа 6-0. Дукла првиот гол го постигна од пенал линијата, а прецизноста ја продолжија токму низ средината на домашната одбрана. Гладијаторите го имаа расположениот Пилиповиќ на своја страна, па затоа и предноста на Охриѓани порасна до највисоки „плус девет“. Во самиот финиш на полувремето Охриѓани не искористија неколку атрактивни акции, а казната на спротивната страна ги чинеше намалување на резултатот на 16-9.

По паузата двете екипи излегоа мотивирани, па тоа се одрази на динамиката на натпреварот. Се редеа голови и акции на двете страни, но разликата по првите десет минути во вториот дел остана непроменета, 21-14 (Иванковиќ 40′).
Во надеж дека може да го промени ритамот на натпреварот, тренерот на Дукла Прага и селектор на чешкиот национален тим Даниел Кубеш го побара првиот тајм-аут во вториот дел. Но работите на терен не се променија, Охриѓани ја имаа контролата над резултатот, одличниот Пилиповиќ ја задржа високата форма, а Ојлески им донесе прва двоцифрената предност на натпреварот 25-15. За момент гостите со два прецизни удари во низа изразија трошка надеж, но вечерта беше во знакот на Охриѓани. Две минути беа потребни разликата меѓу двете екипи да се врати на највисоките десет. Но Охрид сакаше сите дилеми околу четвртфиналниот патник да ги реши уште во првиот дуел, а тоа се одрази на играта и семафорот, па предноста во финишот дојде и до највисоки тринаесет голови (30-17 56′). Во самиот финиш во трка со времето Дукла успеа да намали дел од високата негатива за конечни 30-21. Плус девет пред реваншот во Прага


Дарко Ѓукиќ и Анте Иванковиќ ја предводеа листата на стрелци со осум односно седум голови, во Дукла, Мелиќ и Дуда постигнаа по четири погодоци. Реванш натпреварот од осминафиналниот дуел од Европскиот куп меѓу Охрид и Дукла е закажан за 21 февруари од 18:00.