Охрид го промовираше Давид Савревски

Амбициозниот состав на Охрид полека го комплетира ростерот за следната сезона, а најновото засилување за „гладијаторите“ е македонскиот репрезентативец Давид Савревски.

22-годишниот десен бек потпиша договор на две сезони и ќе формира трио со српскиот репрезентативец Предраг Вејин и младиот охриѓанец Никола Шипинкоски.

Десниот бек Савревски потекнува од Илинден Вардар, беше дел од младинските тимови на Вардар, пред да биде прекомандуван во Работнички и потоа во Вардар.

Три сезони играше за „сино-белиот“ состав од Автокоманда, но добиваше минутажа на „парче“ и најчесто имаше дефанзивни задачи.

Охриѓани досега донесоа квалитетни странски засилувања – бековите Стефан Петриќ, Предраг Вејин, Анте Иванковиќ и Тилен Стрмљан, како и кружниот напаѓач Лиапис, како и голманот Бојан Блажески.

Новиот стратег Борис Ројевиќ, кој се обврза на тригодишна верност, ќе има на располагање добар ростер и ќе се обиде да донесе некој трофеј во витрините на Охрид.

Охриѓани летово ќе ја темпираат формата на домашниот меморијален турнир, каде ќе имаа силни проверки и натпревари против Вардар, Еурофарм Пелистер, Нексе, Партизан…