Ракометарите на Охрид прославија висока победа на натпреварот против Куманово со 30-14 и избраниците на Борис Ројевиќ го искористија овој „потежок тренинг“ како добра подготовка за европскиот двобој со Дукла Прага од ЕХФ Европскиот Куп.
Охрид сега има 33 бода на второто место зад лидерот Вардар со 38 бода, додека трет е шампионот Еурофарм Пелистер 32 бода, но има лесен меч за играње против Радовиш во текот на утрешниот ден.
Кога по десетина минути Охрид повее со 8-1 веќе беше јасно каков тек ќе има овој натпревар. „Гладијаторите“ до крајот на полувремето стигнаа до десет гола предност, 15-5, па вториот дел беше само рутински одработен.
Во второто полувреме тренерот Ројевиќ ги разигра сите ракометари од ростерот, а домашниот состав немаше многу решенија, ниту идеи во нападот и не беше опасен кон охридскиот гол.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ѓукиќ со шест и Ќосевски со пет гола, а голманите Блажески и Пилиповиќ искомбинираа девет одбрани. Кај Куманово, Ончев и Цековски дадоа по четири погодоци.
Во следното коло, Охрид по европската пресметка со Дукла Прага, во среда на 18 февруари ќе игра против Бутел Скопје, додека Куманово претстојниот викенд ќе игра на гостински терен кај Тиквеш.

























