Тимот на Охрид, кој следната сезона ќе игра и на европска сцена, донесе уште едно ново засилување во своите редови. Во Охрид се враќа поранешниот кадетски репрезентативец на Македонија, Наум Костов, кој во оваа сезона е меѓу најдобрите суперлигашки стрелци. Според информациите на 24ракомет, управата на Охрид се решила за Костов и многу брзо за неколку часа бил постигнат договорот за трансфер, односно враќањето дома.
Костов е дете на Охрид а по неколку сезони повторно се враќа во матичниот клуб. Лани, и сезонава им „влезе во око“ на многу тренери и клубови бидејќи речиси секогаш беше меѓу најпрецизните стрелци во тимовите каде играше. Повеќепати беше избиран и за „Играч на колото“ во изборот на читателите на 24ракомет. Доказ дека е веќе созреан како играч и прераснува во вистински голгетер.
Десното крило во редовите на „гладијаторите“ ќе пристигне од Куманово, во овој клуб настапува од почетокот на вториот дел на оваа сезона, претходно една сезона мина во дресот на Аеродром.
Овој 23-годишен ракометар беше еден од најзаслужните што Куманово обезбеди најмалку бараж во суперлигашката конкуренција, а во ланската сезона го носеше Аеродром до пласман во елитата. И во дресот на скопјани беше забележителен, најчесто прв стрелец во тимот, па на полусезона замина во Куманово.
Освен Костов, нови играчи во Охрид ќе бидат левиот бек Дејан Кукуловски, голманот Градимир Чаневски и кружниот напаѓач Живан Пешиќ, па несомнено е дека Стевче Алушовски ќе има посилен ростер, подолга клупа и повисоки амбиции.
Клубот до овој момент ги има продолжено договорите со Стефан Дрогришки, Горан Крстевски, Крсте Андоновски, Даниел Ѓорѓески, Милорад Кукоски, Владимир Бојаниќ, Гал Цирар, Никола Шипинкоски, Tеимураз Орјоникидзе и Иван Тасески.