Екипата на Охрид продолжува јасно да ја гради својата амбициозна приказна, а во тој контекст сè поизвесен е трансферот на унгарскиот репрезентативец Доминик Мате!
Како што дознава 24Ракомет, десниот бек на норвешкиот Елверум е пред преселба во градот покрај езерото, а овој потег на охриѓани дава јасен сигнал дека амбициите уште повеќе се зголемуваат.
Мате е поранешен член на францускиот ПСЖ и полскиот Келце. Десниот бек кој ќе формира трио со Томислав Јагуриновски и Давид Савревски на оваа позиција, играше со Елверум во Лигата на шампионите, но и со ПСЖ каде настапуваше од 2022 до 2024. Потоа потпиша договор со полскиот Келце, но во првата сезона заработи повреда која го оддалечи од терените.
По кратката пауза, оваа сезона се врати на терените како член на норвешкиот Елверум и ги покажа своите квалитети во Лигата на Европа. За унгарската репрезентација Мате дебитираше на СП 2019 година кога имаше 19 години, а потоа стана стандарден репрезентативец.
Охрид има јасна визија и сериозни амбиции, а резултатите од есенскиот дел се силен аргумент за тоа. Во „Билјанини Извори“ паднаа и два големи фаворити, „зелените“ – Еурофарм Пелистер и „сините“ од Автокоманда, што е јасен сигнал дека охриѓани се подготвени за „чекор плус“.
Охриѓани првпат играат во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп, со реални шанси да дотуркаат и подалеку во овој Куп.
Доколку трансферот се реализира, тоа ќе биде уште една потврда дека Охрид не гради само тим за една сезона, туку проект што постепено сака да се позиционира меѓу најсилните во македонскиот ракомет.
Останува да се види кога клубот ќе го потврди трансферот, и под кои услови унгарскиот репрезентативец ќе се пресели покрај Охридското езеро.
























