ОХРИД 2025: Вардар со победнички старт – славеше против Динамо Панчево

Бранителот на трофејот на турнирот „Крсте Андоновски“, екипата на Вардар, со победа го стартуваше настапот на 4. издание на меморијалот. Пред налетите на момците на Иван Чупиќ падна Динамо Панчево, кој беше совладан со 29-27.

Стратегот на Вардар на овој дуел не сметаше на повредените Борозан и Стаменковиќ, а од комбинација отпаднаа Пинто, Ќосевски, Лазаревски и Еспиња за дуелот со Динамо Панчево.

Хрватскиот стратег одлично ја распредели минутажата во двете полувремиња кај сите свои избраници, па на голот по 30 минути бранеа Гогов и Валах, а играа и новите засилувања Талески, Анастасовски, Марчињак, Боно, Кавада, Кеита…

Се играше израмнето на стартот, а како одминуваше времето така вардарци полека ја преземаа контролата. На паузата беше 14-11, а на стартот на второто полувреме македонскиот вицепрвак комплетно го надигра противникот.

Вардар – Динамо Панчево

Имаше и Динамо Панчево свои моменти но тоа беше премалку за некаков камбек во овој натпревар во кој беше евидентно дека Вардар е поквалитетниот клуб и дека нема да има проблеми до крајот рутински да го задржи водство.

Вардар го направи првиот чекор кон борбата за финале, а следуваат пресметки со незгодниот Тримо Требње и со македонскиот шампион Еурофарм Пелистер. „Црвено-црните“ утре се слободни, а в четврток играат со битолчани, додека Динамо Панчево исто така утре ќе одмора, а потоа ќе се соочат со Тримо Требње.

Најдобри стрелци со по пет гола беа Дмитро Горига и Јака Малус кај Вардар, додека кај екипата на Динамо Панчево се истакна Илија Богдановиќ со седум гола.