ОХРИД 2025: Трнавац блесна на голот со 22 одбрани, Партизан ја доби драмата со Нексе

Српскиот шампион Партизан и хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице одиграа квалитетен натпревар на затворањето на првиот натпреварувачки ден од меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.

Славеа „црно-белите“ од Белград со 28-26 и направија крупен чекор кон првото место во групата во која се уште и домаќинот Охрид и шампионот на Фарски Острови, Киндил.

Голманот Андреј Трнавац беше клучната фигура во составот на Партизан и со 22 одбрани беше најзаслужен за триумфот на неговиот тим. Исто така добра партија имаше и десниот бек Сергеј Иванов со осум гола.

Во првиот дел најчесто се играше гол за гол, но беше видливо дека двете екипи играа како да се работи за првенствен натпревар, а не за претсезонски на пријателски турнир.

На паузата момците на Чирковиќ водеа со 12-11, а по интервенциите на Трнавац и головите на Иванов, Партизан отиде и на плус три, 15-12. Иако во еден момент Нексе поради погрешни измени и приговори, остана со тројца на терен, успеа да се одбрани.

Тоа како да беше мотив плус за избраниците на Иванковиќ, кои успеаја да врзат три гола еден по друг и да израмнат на 15-15. Но следуваше еден голем пад кај Нексе, Партизан за првпат се одлепи на плус четири, 19-15 кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути.

Тимот од Нашице не се предаваше, успеа со неколку брзи погодоци на 15 секунди до крајот да намали на 25-24, па Чирковиќ мораше да бара тајм-аут и да ги смири своите избраници.

Рускиот десен Иванов искористи едно невнимание и казни со гол за 26-24 и победнички старт на Партизан.