Како што најавија пред неколку сезони кога за првпат беше организиран турнирот „Крсте Андоновски“, како минуваа годините така и квалитетот на екипите, организацијата и покажаниот ракомет постојано растеше. Годинава е 4. издание на турнирот кој од 19 до 23 август ќе се игра во салата во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. Од осумте екипи, дури шест лани завршија во ТОП 2 во своите држави, и доаѓаат три шампиони на своите земји. Во пет дена натпреварувања ќе учествуваат осум екипи од шест држави, што го прави ова најсилното издание досега. Во Група А се: Охрид, Партизан (Србија), Нексе (Хрватска), Киндил (Фарски Острови), а во Група Б ќе играат: Вардар, Еурофарм Пелистер, Динамо Панчево (Србија), Тримо Требње (Словенија) кој дојде како замена за АЕК Атина. Турнирот е посветен на ликот и делото на легендарниот ракометар и тренер Крсте Андоновски, а за четири години постоење веќе стана препознатлив спортски бренд.
Словенечкиот тим Тримо Требње во Охрид доаѓа откако организаторот се реши да го замени грчкиот вицепрвак АЕК Атина. Тримо минатата сезона беше предводен од македонскиот стручњак Раде Стојановиќ и заврши на третото место во словенечкиот шампионат, а во новата сезона на клупата седнува познатиот Бранко Тамше.
Тримо во три наврати беше вицепрвак на Словенија, а во сезоната 2023/24 го освои и трофејот во Купот на Македонија. Оваа сезона решија да ангажираат домашно решение на клупата, а искусниот Тамше по кратката пауза по заминувањето од Нексе му се враќа на словенечкиот ракомет каде работеше во Целје и Горење.
Минатата сезона претставник од Словенија на турнирот во Охрид беше Целје, а ова лето е Тримо Требње. Тренерот Тамше вели дека овој турнир ќе биде важен дел од подготовките за новата сезона во која ќе имаат настапи на домашна и меѓународна сцена.
„Турнирот во Охрид ќе биде важен дел од нашите подготовки пред стартот на сезоната. Очекуваме квалитетни натпревари против тимови со различен стил на игра, што ќе ни даде подобар увид во моменталното ниво на подготвеност. Верувам дека од турнирот ќе излеземе со појасна слика каде имаме простор за напредок и на кои сегменти треба да се фокусираме. Нема да патуваме во комплетен состав. Неколку играчи сè уште се опоравуваат од полесни повреди и не се целосно подготвени, па одлучивме да им дадеме одмор. Ова ќе биде и можност за некои од помладите играчи кои покажаа одличен став и работна етика на тренинзите да добијат шанса“, вели Тамше.
Тримо ќе игра против Вардар, Динамо Панчево и Еурофарм Пелистер, а Тамше не сака да го прогнозира победникот.
„Очекуваме тешки ривали кои доаѓаат од различни ракометни средини. Овие натпревари се исклучително тешки, бидејќи бараат брза адаптација и тактичка разновидност. Секој меч ќе биде можност за развој на тимот и зајакнување на хемијата меѓу играчите. Бидејќи станува збор за подготвителен турнир, тешко е да се издвојат фаворити. Многу ќе зависи од моменталната форма, ротациите во составот и пристапот на секој тим. Мислам дека малите детали ќе бидат пресудни – особено дисциплината и колективната желба за напредок.
И наредната сезона главен фаворит во Словенија ќе биде Слован Љубљана за домашните трофеи.
„Главната цел ни е да растеме како тим од ден на ден и постојано да напредуваме. Во домашното првенство сакаме да бидеме конкурентни против сите и да завршиме што е можно погоре. Во Европа, ќе се бориме да го претставиме клубот и словенечкиот ракомет со гордост и да одиграме што повеќе квалитетни натпревари. Паралелно ќе продолжиме со развој на младите играчи и создавање силна, конкурентна средина“, заврши Тамше.
Капитенот Давид Дидовиќ вели слушнале многу позитивни работи за турнирот во Охрид.
„Чувме многу позитивни работи за турнирот – од организацијата до целокупниот протокол. Знаеме дека ќе биде на високо ниво, со тимови кои ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на сезоната. За нас, тоа е одлична можност да ја провериме моменталната форма и да влеземе во вистински натпреварувачки ритам. Не сме премногу запознаени со ривалите, бидејќи играат во странски првенства. Сепак, како и целиот ракометен свет, ги следиме и знаеме дека станува збор за квалитетни ривали. Тоа ќе биде добар тест и можност да се измериме пред официјалните натпревари. Тешко е да се каже кој е фаворит за трофејот, затоа што повеќето екипи сè уште се во процес на воигрување и прилагодување. Тоа значи дека исходот е отворен, што му дава посебен шарм на турнирот“, вели Дидовиќ.
Тој ги потенцира целите на Тримо за наредната сезона.
„Првата цел е да ги завршиме подготовките успешно. Потоа одиме чекор по чекор – натпревар по натпревар. Не се плашиме од никого, веќе сме докажале дека секој противник е победлив. Европската сезона за нас е нешто сосема ново и со голема возбуда ја очекуваме. Ќе дадеме сè од себе за да стигнеме што е можно подалеку, и во домашното првенство и на европската сцена“, заврши Дидовиќ.
❗❗ СИТЕ НОВОСТИ ПОВРЗАНИ СО 4. ИЗДАНИЕ НА ТУРНИРОТ „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“ ВО Охрид можете да ги најдете во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет. ❗❗
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗
Состав на Тримо Требње: Урбан Лесјак, Тин Херцег, Марк Шаламон, Михајло Вујадиновиќ, Дарко Цингесар, Марко Мајсторовиќ, Матиц Антон Пип, Јака Соршак, Јанез Гучек, Елмас Авдиќ, Лука Кресал, Марко Котар, Леон Рашо, Александер Смолиќ, Тимотеј Грмшек, Вељко Павловиќ, Јан Јуречиќ, Сергеј Павловиќ, Еразем Цизерле, Лан Грбиќ, Филип Базник, Давид Дидовиќ.
дојдоа: Марк Шаламон (Ајдовшчина), Марко Мајсторовиќ (Чурго), Елмас Авдиќ (Криваја), Леон Рашо (Крка), Сергеј Павловиќ (Добова), Бранко Тамше – тренер
заминаа: Петер Шишко (Шарт), Крешимир Крешиќ ?, Мирко Латковиќ (Слован Љубљана), Игњат Нешиќ ?, Вид Миклавец (Слован Љубљана), Ловро Вишчек (Слован Љубљана)
Распоред на натпревари „Крсте Андоновски“ – Тримо Требње
20 август, 18:15, Еурофарм Пелистер – Тримо Требње
21 август, 18:15, Динамо Панчево – Тримо Требње
22 август, 18:15, Тримо Требње – Вардар
23 август, натпревар за пласман