ОХРИД 2025: Сите учесници едногласни – турнирот е силен, ќе ни покаже до каде сме

Градот Охрид и СРЦ „Билјанини Извори“ оваа недела ќе бидат во центарот на вниманието на ракометната јавност. Најдобрите екипи од регионот ќе настапат на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, а нив ќе им се придружи и најдобриот тим од Фарски Острови, Киндил.

Организаторот, општина Охрид и клубот Охрид, одржаа прес конференција на која беа присутни сите претставници од учесниците, но и главниот промотор на турнирот, Лино Червар.

На турнирот ќе играат најдобрите македонски екипи Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид, како и шампионот на Фарски Острови – Киндил, плус словенечкиот Тримо Требње, хрватскиот Нексе Нашице и српските Партизан и Динамо Панчево.

Сите тренери и претставници на клубови беа едногласни во очекувањата и ќе се потрудат да го искористат за подобро воигрување пред стартот на сезоната.

„Ние спремни го дочекуваме домашниот турнир и едвај чекаме да почне. Се собра елитата од екс ју просторите. Како клуб сакаме да пробаме да стигнеме до финале, и тоа би било феноменално за нас, да ја подигнеме самодовербата на новата екипа и десетте нови играчи за да влеземе спремни во најсилната лига на Балканот“, изјави Борис Ројевиќ, тренерот на Охрид.

Ренато Вугринец, спортскиот директор на Партизан се потсети на времето во Македонија.

„Драго ми е што Лино Червар, мојот екс тренер овде. Јас бев пред десетина години во Охрид со македонската репрезентација. Ние од Партизан како Охрид сакаме да го искористиме овој турнир за што подобра подготовка за Лигата на Европа. За жал дојдовме без најдобриот стрелец Никола Црноглавац, кој е повреден“, вели Вугринец.

Од шампионот Еурофарм Пелистер, вели дека турнирот ќе го искористат за играчите да покажат што знаат и умеат.

„Благодарност од Охрид за поканата на овој турнир. Нашата цел е да се воиграме за новата сезона, односно да се подготовиме за Супер купот. Не доаѓаме да го освоиме, туку за сите играчи да покажаат што знаат. Сите играчи се во добра состојба, нема да играат само Кузманоски и Ристевски. Посакувам сите да останеме здрави и без повреди“, вели Стерјев.

Новиот стратег на Вардар, Иван Чупиќ, исто така ги сподели очекувањата.

„Ние имаме многу нови играчи, сакаме да го исористиме овој турнир за она што не чека во македонската лига и во Европа, која е најдобра на Балканот в моментов. Ова ќе биде маратон и покрај овој турнир, и оној во Скопје ќе ги искористисме за што подобра подготовка. Да останеме сите здрави и без повреди“, порача Иван Чупиќ.

Нексе Нашице доаѓа првпат на подготовки во Македонија.

„Честитки за организаторот за сјајната организација. Можеме да ги видиме најдобрите екипи од регионот, а тоа му дава дополнитен шмек. Како и сите колеги, можам да кажам дека овие пет дена не очекуваат интересни натпревари, и ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат вво сала. Нас овоој турнир ќе ни послужи како увертира во она што не чека оваа есен“, изјави Крешо Иванковиќ.

Динамо Панчево вторпат во серија е во Охрид.

„Би сакал да се заблагодарам на Охрид што не повика на учество оваа година, каде што нашата екипа може да ги одмери своите сили со реномирани противници. Оваа сезона имаме само еден нов играч и турнирот ќе биде добар тест за нас да видиме дали сме созреале. Како и кај сите, така и кај нас очекувам чекор напред во однос на минатата сезона и нека победи најдобриот“, вели Јаневски.

За првпат на турнирот ќе учествува екипа од Фарски Острови.

„Горди сме што сме тука што ќе можеме да играме против силни екипи. Јас се надевам дека ќе одиграме добри натпревари и ќе ги искористиме овие натпревари за што подобра подготовка за првенството што не чека на домашна сцена“, вели претставникот од Киндил, шампионот на Фарски Острови, Давид Ериксен.