Ракометарите на Партизан останаа во трка по второто место во групата 1 каде што се Охрид и Нексе Нашице, откако со половина сили го совладаа шампионот на Фарски Острови, Киндил со 34-21.
Стратегот на српскиот првак, Ѓорѓе Чирковиќ сакаше да сокрие и да заштеди дел од силите за претстојните предизвици во Европа и на домашна сцена, па ја измеша првата постава.
Сепак победникот беше најавен уште по првото полувреме, кога Партизан стигна до плус четири, 15-11, а второто полувреме мина во комплетна доминација на „црно-белите“ од Белград.
Тренерот на екипата од Торшавн, Давид Едвардсен, исто така ги користеше сите расположиви сили и им даде шанса на помладите ракометари по Нексе и Охрид, да се пробаат и против Партизан.
Киндил ќе игра во утринскиот термин в сабота од 10:30 часот во борба за седмото место, додека Партизан ќе го чека исходот од средбата меѓу Охрид и хрватскиот вицепрвак од Нашице.
Најдобри стрелци кај Партизан беа Лазар Анѓелковиќ со осум гола и Вељко Поповиќ со пет, додека Симон Педерсен постигна осум погодоци.