ОХРИД 2025: Партизан предводен од Чирковиќ и Вугринец доаѓа по трофеј во Охрид

Како што најавија пред неколку сезони кога за првпат беше организиран турнирот „Крсте Андоновски“, како минуваа годините така и квалитетот на екипите, организацијата и покажаниот ракомет постојано растеше. Годинава е 4. издание на турнирот кој од 19 до 23 август ќе се игра во салата во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. Од осумте екипи, дури шест лани завршија во ТОП 2 во своите држави, и доаѓаат три шампиони на своите земји. Во пет дена натпреварувања ќе учествуваат осум екипи од шест држави, што го прави ова најсилното издание досега. Во Група А се: Охрид, Партизан (Србија), Нексе (Хрватска), Киндил (Фарски Острови), а во Група Б ќе играат: Вардар, Еурофарм Пелистер, Динамо Панчево (Србија), Тримо Требње (Словенија) кој дојде како замена за АЕК Атина. Турнирот е посветен на ликот и делото на легендарниот ракометар и тренер Крсте Андоновски, а за четири години постоење веќе стана препознатлив спортски бренд.

На 4. издание на меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид ќе настапи и актуелниот шампион на Србија, Партизан Белград. Интересно е што спортски диркетор на клубот е Ренато Вугринец, Словенец кој играше за Металург, но и за репрезентацијата на Македонија. Потоа се пресели во Србја каде остана да живее, и стана дел од „црно-целото“ семејство.

Партизан беше финалист на првиот турнир во Охрид, загуби од Тиквеш во битката за трофеј. Настапија и лани, а сега овој турнир треба да им биде генерална проба пред настапот и квалификациите во Лига Европа кои ги играат на крајот на август. Лани го освоија 5. место, но тоа беше сезона во која ја темпираа формата за освојување на титулата во домашното првенство.

Тимот од Белград ја прекина децениската доминација на Војводина во Србија и лани ја освои титулата. Стигна до четвртфиналето на Купот на ЕХФ, откако на неутрален терен беше елиминиран на пенали од АЕК Атина.

❗❗  СИТЕ НОВОСТИ ПОВРЗАНИ СО 4. ИЗДАНИЕ НА ТУРНИРОТ „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“ ВО Охрид можете да ги најдете во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет. ❗❗

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗

Сега мора побрзо да ја подигнат формата бидејќи им следува важен меч од Лига Европа. Доаѓаат без капитенот Никола Зечевиќ, кој ќе ја пропушти есенската полусезона.

На турнирот во Охрид ќе играат во група со Охрид, Нексе и Киндил Торшавн од Фарски острови.

„Фактот дека седум дена по турнирот во Охрид нè очекува старт на сезоната, зборува доволно дека овие натпревари се најважниот тест во подготвителниот период. Очекуваме преку дуелите со силни екипи да ја достигнеме потребната форма. Ќе настапиме без капитенот Зечевиќ, кој ќе отсуствува шест месеци, но сите други се подготвени и ќе добијат шанса. Противници како Нексе и Охрид во подготовките се одлична прилика да се видат сопствените можности – и двете екипи имаат состави за Европската лига. Не би прогнозирал фаворит за трофејот, но сигурен сум дека ќе гледаме врвен ракомет. Нашата цел оваа сезона е пласман во Европската лига и борба за сите домашни трофеи, смета Ѓорѓе Чирковиќ тренер на Партизан.

Во отсуство на капитенот Зечевиќ, лентата на ракавот ја презема Младен Шотиќ.

„Турнирот во Охрид е одлична подготовка за напорната сезона, очекувам неизвесни и силни натпревари. Го познаваме домаќинот, со кој игравме и лани, а Нексе е исто така врвен противник. И тимот од Фарските Острови не треба да се потцени. Повеќе екипи можат да победат, па незахвално е да се избере фаворит. Во Европа целта ни е пласман во групната фаза на Европската лига и потоа борба за осминафинале. Домашно – прво ќе играме за Суперкупот против Војводина, а потоа ќе атакуваме и на останатите трофеи, вели Шотиќ.

Состав на Партизан
Анѓелковиќ Лазар, Куртиќ Никола, Шотиќ Младен, Николиќ Марко, Илие Габриел Кристијан, Чаба Ливиу Емил, Шијан Симо, Станковиќ Страхиња, Црноглавац Никола, Иванов Сергеј, Јевтиќ Владимир, Иваниќ Петар, Поповиќ Вељко, Котар Миха, Трнавац Андреј, Зориќ Никола.

ДОЈДОА – Куртиќ Никола, Илие Габриел Кристијан, Чаба Ливиу Емил, Шијан Симо, Станковиќ Страхиња, Иванов Сергеј, Јевтиќ Владимир, Иваниќ Петар, Трнавац Андреј, Јевремовиќ Јован, Николиќ Марко.

ЗАМИНАА – Саид Хеидарирад, Арсениќ Лука, Барјактаровиќ Лука, Ѓорѓиќ Петар, Вујовиќ Стеван, Радојковиќ Михајло, Васиќ Марко, Маџовски Бојан, Петровиќ Ѓорѓе, Ќорсовиќ Миодраг.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“
19.08. Партизан – Нексе 20,30 ч.
20.08. Охрид – Партизан 20,30
21.08. Партизан – Киндил 16 ч.
23.08. Меч за пласман