ОХРИД 2025: Нексе Нашице – Предизвик како на овој турнир ни беше потребен

Како што најавија пред неколку сезони кога за првпат беше организиран турнирот „Крсте Андоновски“, како минуваа годините така и квалитетот на екипите, организацијата и покажаниот ракомет постојано растеше. Годинава е 4. издание на турнирот кој од 19 до 23 август ќе се игра во салата во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. Од осумте екипи, дури шест лани завршија во ТОП 2 во своите држави, и доаѓаат три шампиони на своите земји. Во пет дена натпреварувања ќе учествуваат осум екипи од шест држави, што го прави ова најсилното издание досега. Во Група А се: Охрид, Партизан (Србија), Нексе (Хрватска), Киндил (Фарски Острови), а во Група Б ќе играат: Вардар, Еурофарм Пелистер, Динамо Панчево (Србија), Тримо Требње (Словенија) кој дојде како замена за АЕК Атина. Турнирот е посветен на ликот и делото на легендарниот ракометар и тренер Крсте Андоновски, а за четири години постоење веќе стана препознатлив спортски бренд.

Прв гостин од Хрватска на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид ќе биде вицепрвакот Нексе Нашице, кој дури 16 пати беше втор зад неприкосновениот Загреб. Составот на Крешо Иванковиќ доаѓа во Охрид на тестови со најдобрите екипи од регионот меѓу кои и најдобрите три од Македонија – домаќинот, Вардар и Еурофарм Пелистер.

Нексе во 2022 година беше учесник на завршниот турнир во Лигата на Европа, но потоа имаше голема реконструкција во ростерот, па не ги повтори тие резултати во Европа.

По кратката епизода во Фуксе Берлин, во Нексе Нашице се врати легендарниот Мануел Штрлек, а тука е и актуелниот репрезентативец на Хрватска, Тин Лучин. Тренерот Иванковиќ ги сподели очекувањата пред стартот на турнирот.

„Со нетрпение очекуваме турнир со висок квалитет во Охрид, со силни и конкурентни тимови. Тоа ќе биде одличен тест за нашиот состав и идеална средина за да работиме на нашата игра, да ја подобриме тимската хемија и да ја изостриме формата. Да се соочиме со тешки противници во оваа фаза ќе ни помогне да видиме каде се наоѓаме и што треба да се подобри. Тоа е предизвикот што ни е потребен додека се подготвуваме за сигурно напорната и интензивна сезона што следува“, вели Иванковиќ.

Нексе нема да биде комплетен во Охрид.

„Во тимот недостасуваат Леон Вучко и Петар Крупиќ кои се повредени, потоа Матко Мославец (младинска репрезентација на Хрватска) и Огњен Цениќ (младинска репрезентација на Србија)“, продолжи Иванковиќ.

Тој ги анализираше ривалите во групата.

„Самата групна фаза ќе биде вистински предизвик. Партизан гради сериозен тим на европско ниво, тим со кој можеме да се сретнеме и подоцна во европската сезона. Тимот од Фарските Острови сè уште е донекаде непознат за нас, што само по себе претставува уникатен предизвик. Што се однесува до домаќините, Охрид, тие го зајакнаа својот состав на сите позиции и сигурно ќе бидат тежок тест на домашен терен. Сè на сè, тоа е силна група што ќе нè натера да играме на високо ниво од самиот почеток – што е токму она што ни е потребно во оваа фаза од подготовките. Ова ќе биде силен турнир со квалитетни тимови и веруваме дека секој има реална шанса да го освои. Секако, би сакале да одиме до крај, но во оваа фаза од подготовките, фокусот е повеќе на градење тимска хемија, тестирање тактики и влегување во ритам, а не само на резултатите“, вели Иванковиќ.

Нексе е секогаш конкурент на Загреб, но ниту еднаш се нема израдувано на шампионската титула.

„Нашите цели за претстојната сезона се јасни – сакаме да освоиме еден од домашните трофеи и да имаме силен настап во ЕХФ Европската лига. Нашата амбиција е пласман меѓу најдобрите 16, и веруваме дека имаме квалитет и решителност да го постигнеме тоа“, заврши тренерот на Нексе.

Капитенот Борна Манци Мичевиќ ги сподели очекувањата од турнирот во Охрид.

„Очекувам тешки натпревари и го гледам овој турнир како одлична можност за градење тимска хемија и влегување во натпреварувачка форма пред новата сезона. Ги знаеме Партизан и Охрид доста добро – игравме пријателски натпревари со двата тима во јануари. Сепак, и двата значително ги променија своите состави оттогаш, па очекуваме поинаква динамика овој пат. Што се однесува до тимот од Фарските Острови, не знаеме многу за нив, што го прави тој натпревар особено интересен. Тоа дефинитивно ќе биде добар тест за нас. Ова е многу балансиран турнир во однос на квалитет – секој тим има што е потребно за да стигне до крај. Се разбира, се надевам дека ние ќе победиме, и верувам во нашиот тим, но исто така гледам и силен конкурент во Еурофарм Пелистер, кој доаѓа како еден од фаворитите“, вели Мичевиќ.

Капитенот на Нексе посакува пласман во ТОП 16 во Лигата на Европа во новата сезона.

„Нашите цели за новата сезона се добро дефинирани – целиме кон освојување на еден од домашните трофеи и добар настап во ЕХФ Европската лига, со ТОП 16 како наш јасен таргет. Веќе сме заедно како тим една цела година, и оваа сезона навистина очекувам да го видите вистинскиот Нексе на терен“, заврши Мичевиќ.

 

❗❗  СИТЕ НОВОСТИ ПОВРЗАНИ СО 4. ИЗДАНИЕ НА ТУРНИРОТ „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“ ВО Охрид можете да ги најдете во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет. ❗❗

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗

 

Состав Нексе: Марсел Јажебски, Михајло Радовановиќ, Предраг Сердар, Александар Бакиќ, Мануел Штрлек, Иван Барбиќ, Ибрахим Хасељиќ, Лорис Хромин, Тин Лучин, Лука Мославац, Луцијан Крајчар, Тин Куже, Мислав Гргиќ, Александар Цениќ, Борна Манци Мичевиќ, Петар Баришиќ, Крешимир Козина, Карло Периќ.

дојдоа: Марсел Јажебски
заминаа: Морено Цар, Гал Маргуч, Јан Климков

Распоред на натпреври „Крсте Андоновски“ – Нексе Нашице

19 август, 21:00, Партизан – Нексе Нашице
20 август, 16:30, Киндил – Нексе Нашице
22 август, 21:00, Охрид – Нексе Нашице
23 август, за пласман