ОХРИД 2025: Киндил доаѓа од Фарски Острови – аутсајдери сме, но со нетрпение го чекаме предизвикот

Како што најавија пред неколку сезони кога за првпат беше организиран турнирот „Крсте Андоновски“, како минуваа годините така и квалитетот на екипите, организацијата и покажаниот ракомет постојано растеше. Годинава е 4. издание на турнирот кој од 19 до 23 август ќе се игра во салата во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. Од осумте екипи, дури шест лани завршија во ТОП 2 во своите држави, и доаѓаат три шампиони на своите земји. Во пет дена натпреварувања ќе учествуваат осум екипи од шест држави, што го прави ова најсилното издание досега. Во Група А се: Охрид, Партизан (Србија), Нексе (Хрватска), Киндил (Фарски Острови), а во Група Б ќе играат: Вардар, Еурофарм Пелистер, Динамо Панчево (Србија), Тримо Требње (Словенија) кој дојде како замена за АЕК Атина. Турнирот е посветен на ликот и делото на легендарниот ракометар и тренер Крсте Андоновски, а за четири години постоење веќе стана препознатлив спортски бренд.

Четвртото издание на турнирот „Крсте Андоновски“ ќе има посебен шмек, бидејќи покрај екипите од Балканот, ќе настапи и екипа од Фарски Отрови. Шампионот на оваа земја, Киндил е основан во 1956 година во Торшавн и го носи приматот на најтрофејниот машки клуб на Фарските Острови, со импресивни 31 шампионска титула.

И покрај оваа богата историја, клубот помина низ тежок период од 18 години без трофеј. Тој долг пост беше прекинат минатата сезона, кога Киндил го освои шампионатот на Фарските Острови по возбудлива финална серија во пет натпревари против Х71.

Освојувањето на титулата во 2025 година претставува едно од најголемите достигнувања на клубот во поновата историја, не само затоа што означи крај на речиси две децении без трофеј, туку и затоа што симболизира почеток на ново поглавје за Киндил.

Капитенот Ови Луцен ги сподели своите очекувања од настапот.

„Нашите главни очекувања се да бидеме конкурентни и да се предизвикаме себеси против силни европски противници. Ова е одлична можност да стекнеме искуство, да го провериме нашето ниво и со гордост да го претставиме клубот. Да бидам искрен, не сум многу запознаен со сите екипи, но дефинитивно сум ги видел повеќето од нив. Особено добро познати клубови како Партизан, Нексе, Еурофарм Пелистер и Вардар. Ги почитуваме сите противници и со нетрпение очекуваме да научиме повеќе за нив на терен. Според мое мислење, Вардар се издвојува како фаворит. Тие имаат голема традиција и квалитет, а својата вредност ја докажале и на највисоко европско ниво“, вели Луцен.

Покрај на домашната сцена, Киндил ќе биде активен и на меѓународна сцена во ЕХФ Европскиот Куп.

„На домашна сцена, нашата цел е јасна – да ја одбраниме шампионската титула и да го освоиме домашниот Куп. На овој турнир сакаме да бидеме конкурентни, да стекнеме вредно искуство и достојно да ги претставиме Фарските Острови“, заврши капитенот.

Тренерот Давид Ервадсен исто така ги сподели очекувањата од настапот на охридскиот турнир.

„Ова е наш прв настап на турнирот, па едноставно сме возбудени што ќе се соочиме со толку силни екипи. Нашата цел е да играме добро и, се надеваме, да добиеме еден или два натпревари. За жал, ни недостасуваат неколку клучни играчи поради повреди. Тројца од нашите искусни ракометари нема да бидат на располагање, меѓу кои и Рогви Дал Кристијансен и Рокур Акралид. Двајцата се поранешни репрезентативци и имаа огромна улога во нашата шампионска титула минатата сезона. Сите тимови во нашата група се силни и исполнети со добри играчи. Несомнено влегуваме како аутсајдери, но со нетрпение го очекуваме предизвикот“, вели Ервадсен.

Тој смета дека Вардар и Еурофарм Пелистер се главни кандидати за трофејот.

„Има многу силни кандидати, но за мене се издвојуваат Еурофарм Пелистер, кој минатата сезона играше во Лигата на шампионите, и Вардар“, вели Едвардсен.

Тој ги потенцира и целите на екипата на Киндил за претстојната сезона.

„Нашата прва цел е достојно да ги претставиме Фарските Острови на овој турнир. На домашна сцена, целиме да ја одбраниме шампионската титула и да стигнеме до финалето на купот, што секогаш е еден од врвните моменти во нашиот ракомет.

 

❗❗  СИТЕ НОВОСТИ ПОВРЗАНИ СО 4. ИЗДАНИЕ НА ТУРНИРОТ „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“ ВО Охрид можете да ги најдете во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет. ❗❗

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗

 

Состав на Киндил: Торур Гутесен, Жан Пол Тофт Јоханесен, Теитур Хелисдал, Кристијан Хелисдал, Габриел Петерсен, Вилијам Сковсагер, Симон Педерсен, Ови Луцен, Тобијас Тисен, Рагнар Вардум, Вилијам Нолсое, Никлас Гард, Тумас Соренсен, Јоан Патурсон, Ерлинг Ерлендсон, Хакун Закаријасен

дојдоа: Никлас Гард (Неистин)
заминаа: Јакуп Јоргенсен (крај на кариера), Андриас Солскер (крај на кариера)

Распоред на натпреври „Крсте Андоновски“ – Киндил
19 август, 18:45, Охрид – Киндил
20 август, 16:30, Киндил – Нексе
21 август, 16:30, Партизан – Киндил
23 август, за пласман