Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер стартуваше со реми на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако во драматична завршница со голот на десниот бек Анжеј Видомски одигра 32-32 со словенечкиот Тримо Требње.
Без капитенот Кузмановски, потоа голманот Митревски, десниот бек Хосни, како и одамна повредените Ристевски и Кузманоски, пелистерци се намачија да стигнат барем до бод во Охрид. Губеа со пет разлика, па се вратија во егал, водеа и со два гола, но се чини дека по сите случувања, македонските шампиони треба да бидат среќни со ремито.
По израмнетиот почеток и нерешените 3-3, битолчани казнија две грешки на противничкиот тим и успеаја да поведат преку крилата Атанасијевиќ и Хекбарт за 5-3 по десетина минути игра.
Но словенечкиот состав на Бранко Тамше не е воопшто наивен и по неколку промашувања на македонскиот шампион, Тримо ја презема предноста. Во финишот на полувремето словенечкиот тим стигна и до плус два, 15-13.
Сепак со убав погодок во последните секунди, Павле Атанасијевиќ ја преполови негативата и на пауза се замина со минимално водство на Тримо. Новиот стратег на пелистерци, Гарабаја, ги ротираше сите ракометари.





Еурофарм Пелистер – Тримо
На стартот на второто полувреме се разбрани Шаломон кој го замени Лесјак, и Тримо отиде на пет гола предност, 20-15, па шпанскиот тренер на битолчани мораше да бара тајм-аут.
Одбраната на Еурофарм Пелистер заигра подобро, Хеидарирад фати две топки и битолчани од минус пет се вратија во егал, 25-25, кога остануваа до крајот уште 12 минути за играње. Бранко Тамше мораше да вика тајм-аут.
Потоа најчесто се играше гол за гол, битолчани водеа и со два гола, 28-26, но Тримо набрзина врати. Во еден момент Еурофарм Пелистер остана со двајца помалку на терне, Павле Атанасијевиќ доби црвен картон по груб фаул.
Тоа не го искористи Требње, на празен гол словенечкиот тим погоди пречка и Видомски казни за 31-30. Но потоа следуваа две промашувања на пелистерци, два гола на Требње и 32-31, кога остана уште минута до крај. Македонскиот тим организира напад, биеше полскиот десен бек Анжеј Видомски и успеа да погоди за реми и еден бод.
Утре Еурофарм Пелистер ќе се соочи во македонското „ел класико“ со Вардар од 21:00 часот, додека Тримо Требње ќе игра против Динамо Панчево од 18:30 часот.