Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер пропушти прилика за победа на натпреварот против Динамо Панчево и одигра само реми, 24-24. Иако водеа со три гола во првиот дел, дозволија ривалот да направи голем пресврт, потоа да бркаат висока негатива од пет гола, а на крајот примија гол во последните секунди за реми и замрсена ситуација во групата.
Сега битолчани имаат четири бода на првата позиција, Тримо е втор со три бода, а Вардар трет со два. Вардарци никако не можат да бидат први, додека Еурофарм Пелистер мора да чека триумф на Вардар за да остане прв. Ако биде реми, исто така битолчани остануваат први и ќе играат во финалето. Словенечкиот состав само со победа може до првото место и борба за трофеј.
Во составот на Еурофарм Пелистер се врати капитенот Кузмановски, а наместо голманот Хеидарирад, на помош дојде голманот од вториот тим на пелистерци Мартин Јовановски.
Првиот дел заврши со водство на Динамо Панчево со 13-10, иако битолчани водеа со 10-7. Српскиот тим предводен од одличниот голман Чировиќ, кој фати дури три пенали, направи серија од шест гола за комплетен пресврт.
Како заврши првиот така почна и вториот дел, Динамо Панчево поведе со 15-10, македонскиот првак за момент се врати на минус два, 16-14, но следуваше промашен пенал, потоа Чировиќ врза уште две одбрани и разликата пак отиде на пет.





Динамо – Еурофарм Пелистер
По 19-14, Гарабаја повика минута одмор, и за кратко време пелистерци успеаја да се вратат во игра. Со голот на Радивојевиќ израмнија на 20-20, и во последните пет минути се влезе со реми.
По одбраната на Јовановски, Еурофарм Пелистер поведе со 22-21, но набрзина гостите израмнија, дури имаа и шанса одново да водат. Погрешија во нападот, па казната стигна од пенал преку Хекбарт. Битолчани водеа со еден погодок откако прецизен беше Видомски, но дозовлија да примат гол на четири секунди до крај од Чабрило и веќе немаше време за нешто повеќе на овој дуел.