ОХРИД 2025: Домаќинот рутински одработи против првакот на Фарски Острови

Организаторот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, тимот на Охрид, стартуваше победнички и славеше против гостите од Фарски Острови, шампионот Киндил со убедливи 39-25.

Тренерот Борис Ројевиќ не тргна со најсилната постава, а на клупата останаа Ојлески и Ѓукиќ, а во ростерот не беше ниту најдобриот чувар на мрежата од Струшкиот турнир, Бојан Блажески.

Во вториот дел шанса добија Савревски, Шипинкоски, и Моралес, Чаневски застана на голот наместо Ѓорѓески, а останатиот дел од тимот не се менуваше. Во последните десетина минути од мечот заигра и МВП од пионерското првенство на Македонија, охридскиот „дијамант“ Илија Трајчески.

На теренот резултатски немаше промени и прашањето беше само со колкава разлика ќе заврши овој натпревар во корист на охриѓани.

Победникот беше познат уште по првото полувреме, кога Охрид поведе со 21-13 со голот на Тилен Стрмљан во последната секунда, а на стартот на вториот дел „гладијаторите“ отидоа на плус десет, 26-16.

Охрид – Киндил

Тогаш веќе беше јасно дека Охрид е за класа поквалитетен тим и на дуелите со Партизан и Нексе ќе се бори за првото место во групата што носи пласман во финалниот натпревар на турнирот „Крсте Андоновски“.

Утре Охрид ќе го има главниот тест и ќе игра против Партизан во вечерниот термин од 21:00 часот, додека Киндил од 16:30 часот игра против хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице.