ОХРИД 2025: Домаќините градат конкурентен тим – да се прикажеме во најдобро светло

Како што најавија пред неколку сезони кога за првпат беше организиран турнирот „Крсте Андоновски“, како минуваа годините така и квалитетот на екипите, организацијата и покажаниот ракомет постојано растеше. Годинава е 4. издание на турнирот кој од 19 до 23 август ќе се игра во салата во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. Од осумте екипи, дури шест лани завршија во ТОП 2 во своите држави, и доаѓаат три шампиони на своите земји. Во пет дена натпреварувања ќе учествуваат осум екипи од шест држави, што го прави ова најсилното издание досега. Во Група А се: Охрид, Партизан (Србија), Нексе (Хрватска), Киндил (Фарски Острови), а во Група Б ќе играат: Вардар, Еурофарм Пелистер, Динамо Панчево (Србија), Тримо Требње (Словенија) кој дојде како замена за АЕК Атина. Турнирот е посветен на ликот и делото на легендарниот ракометар и тренер Крсте Андоновски, а за четири години постоење веќе стана препознатлив спортски бренд.

Домаќинот влегува на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ со трофеј освоен во Струга, што сигурно ќе биде уште поголема мотивација да се продолжи со победничката серија, сега во СРЦ „Билјанини Извори“.

Тренерот Борис Ројевиќ низ многуте изјави пред овој турнир го потенцираше фактот дека главната цел е екипата да се воигра, но вели дека уште едно финале би било многу значајно за неговата екипа.

„Моето очекување од турнирот во Охрид е, пред сè, екипата да се воигра, сите момци да ја добијат својата шанса, а доколку притоа дојдат и победи, тоа би било навистина многу добро. Доколку сите останат здрави до турнирот, ќе настапиме во најсилен состав“, вели Ројевиќ.

Српскиот стратег ги познава добро ривалите.

„Навистина силен турнир и тешка група. Фараните, кои во своите редови имаат четворица играчи што беа четврти на Европското првенство со младата репрезентација. Партизан, кој оваа година составува одличен тим за Европската лига и има исклучително висок буџет. Тука е и Нексе, учесник на Ф4 од Европската лига. Турнирот е навистина квалитетен и сигурно е еден од најдобрите на Балканот. Според мене, Вардар, го има најквалитетниот тим во Охрид“, продолжи Ројевиќ.

Целите се клубот да расте од ден на ден.

„Целите на нашиот клуб се да растеме од ден на ден, да работиме добро и квалитетно, и да почнеме да ги победуваме најдобрите македонски екипи. Во Европа сакаме да стигнеме што подалеку можеме, а нашите амбиции се секогаш големи — за почеток, да презимиме во Европа“, заврши Ројевиќ.

Капитенот Гоце Ојлески исто така ги сподели очекувањата од настапот во Охрид.

„Турнирот во Охрид ќе биде исклучително квалитетен со екстра екипи, а ние како домаќини сакаме да се прикажеме во најдобро светло. Во група имаме две познати екипи, шампионот на Србија – Партизан и хрватскиот вицепрвак Нексе, но и една неатрактивна екипа, но сигурно квалитетна од Фарски Острови, која секоја година покажува се подобри партии. Фаворити се Вардар и Еурофарм Пелистер, но сите екипи се квалитетни, па сите имаат свои шанси. Нашите цели оваа година се да изградиме еден тим што ќе биде конкурентен како на домашен, така и на меѓународен план да стигнеме што подалеку во Европа“, изјави Ојлески.

 

❗❗  СИТЕ НОВОСТИ ПОВРЗАНИ СО 4. ИЗДАНИЕ НА ТУРНИРОТ „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“ ВО Охрид можете да ги најдете во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет. ❗❗

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗

 

ОХРИД – сезона 2025/2026

Дојдоа: Николаос Лиапис (Олимпијакос), Предраг Вејин (Олимпијакос), Анте Иванковиќ (Штутгарт), Тилен Стрмљан (Хановер), Давид Савревски (Алкалоид), Бојан Блажески (Бутел Скопје), Дарко Ѓукиќ (Динамо Букурешт), Ориол Реј Моралес (Гранољерс), Стефан Петриќ (Вардар), Никола Шипинкоски (Прилеп)

Заминаа: Наум Костов (Струга), Бобан Ристевски ?, Никола Јукиќ (Ал Мудар), Хироки Мацуока ?, Рудолф Шафранко (Холабрун), Живан Пешиќ ?, Крсте Андоновски (крај на кариера), Милорад Кукоски ?, Горан Крстевски ?, Чиао Винисус (Хапоел Холон)

Распоред на натпреври „Крсте Андоновски“ – Охрид

19 август, 18:45, Охрид – Киндил
20 август, 21:00, Охрид – Партизан
22 август, 21:00, Охрид – Нексе Нашице
23 август, за пласман