Ракометарите на Вардар со победа против домаќинот Охрид со 34-21 го стартуваа настапот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. „Црвено-црните“ го најавија победникот уште по првите триесетина минути, кога избраниците на Владо Недановски водеа со високи седум гола разлика, а во второто полувреме кога се измешаа поставите на теренот, немаше многу дилеми околу конечниот победник.
Охрид водеше само на стартот со голот на Јукиќ, а потоа вардарци ја преземаа контролата на теренот. По 8-6 за Вардар, една серија од четири гола беше клучна околу победникот.
Македонскиот вицепрвак обезбеди плус шест, 12-6, а до паузата ја надгради. Двајцата голмани, Чаневски и Еспиња имаа своите моменти во првиот дел и запишаа по пет одбрани, но охридскиот напад затаи.
Немаа многу решенија домаќините да го загрозат вардаровиот гол и често правеа технички грешки. За тоа време, гостите го полнеа голот и на крајот на првиот беше 16-9 за Вардар.
На стартот на вториот дел, тренерот на домашните, Стевче Алушовски им даде шанса на младите Шипинкоски и Ристески, во игра влегоа засилувањата Костов, Пешиќ, Кукуловски и Бура, но немаше многу резултатска промена. Натпреварот го загуби темпото, немаше многу жестоки дуели и вардарци само рутински го одработија финишот.
Вардарци утре ќе имаат српски предизвик и ќе играат против тимот на Партизан од 18:45 часот, додека Охрид ќе има на мегдан уште еден поранешен европски шампион, Целје од 21:00 часот.