Македонскиот освојувач на Куп трофејот славеше на премиерниот натпревар на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ против српскиот Динамо Панчево со 27-22 (16-9). Победникот беше решен уште во првиот дел, кога македонскиот тим направи добра предност. Иако Динамо Панчево се закани во второто полувреме и ја преполови негативата, немаше доволно сили за камбек во натпреварот и мораше да се помири со поразот.
По стартните 4-4, голманот Галевски влезе во серија, па „сино-белите“ почнаа да се одлепуваат. Погодуваа Костески, Стојковиќ, Митев, потоа уште една грешка казни и брзиот Џонов.
Македонскиот тим поведе со 12-5 и го најави победникот на овој натпревар. Динамо Панчево по тајм-аутот на тренерот Јаневски постигна три гола во серија за 13-9, но одново нивните бекови погрешија два пати.
Тоа беше доволно за тимот на Кире Лазаров да си ја врати комотната разлика, 16-9, иако таа можеше и да биде поголема ако Галевски во последната секунда погодеше од гол на гол.
Во стартните пет минути од вториот дел голманот Чировиќ фати пенал, погоди Колунџиќ и Динамо се врати на минус четири, 16-12. Тимот од Автокоманда немаше многу решенија во нападот и постот траеше седум минути.
Конечно погоди Костески за 17-13, а подоцна по двете одбрани на Галевски, „сино-белите“ отидоа на безбедни плус шест, 20-14. Навидум беше само така, зашто за петнаесетина секунди Динамо даде два гола и го натера Лазаров на нов тајм-аут.
Динамо остана без дотогаш најдобриот стрелец Марко Перовиќ, кој по три исклучувања доби црвен картон. Тоа го искористи македонскиот тим и отиде на високи плус седум, 25-18.
На десетина минути до крајот црвен картон доби и Бошко Станисављевиќ поради обид да спречи брз напад, на Динамо Панчево му се скрати уште повеќе ротацијата на бековската линија и тоа беше доволно.
Тимот од Автокоманда успеа да ја задржи предноста до крајот без поголеми проблеми за триумф и во победничка атмосфера ќе ги очекува дуелите со црногорскиот и грчкиот првак, Ловќен и Олимпијакос.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Никола Костески со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци, додека голманот Галевски имаше 11 интервенции и беше прогласен за МВП на натпреварот. Во составот на Динамо Панчево се истакна Марко Перовиќ со четири погодоци.