Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.
Покрај домаќинот Охрид, на турнирот од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.
Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.
Трофејниот црногорски клуб Ловќен Цетиње, кој е најголем расадник на ракометари во Црна Гора, минатата сезона влезе со големи амбиции, врати голем број на интернационалци меѓу кои и Вуко Борозан. По настапот во Европа се раздели со тренерот Перо Милошевиќ, Борозан и со уште неколку ракометари, но немаше конкуренција на патот кон двојната круна и во колекцијата сега има 28 трофеи. Милошевиќ беше заменет со Филип Поповиќ, кој и во моментов е тренер на Ловќен и ќе го води црногорскиот првак во Охрид.
Некогашниот член на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ, вели дека настапот ќе биде одлична шанса за проверка на силите со квалитетни ривали.
„Очекуваме да се прикажеме во што подобро светло, да го искористиме овој турнир за што подобро да се подготвиме за новата сезона. Имаме многу нови ракометари, промени во ростерот, па натпреварите на нашата млада екипа со квалитетни противници во Охрид добро ќе ни дојдат во овој период да ги видиме нашите можности. Чест ни е што сме дел од овој турнир“, вели Радовиќ.
Во групата, Ловќен ќе се сретне со Динамо Панчево, Олимпијакос и Алкалоид.
„Јас многу добро го познавам тимот на Алкалоид, против кој имам играно, а таму се и некои од моите поранешни соиграчи од Еурофарм Пелистер. Тоа е клуб во подем, многу добри работат со младите играчи и со македонските репрезентативци. Едвај чекам да играме против нив и да ги видам екс соиграчите. Динамо Панчево, каде играат повеќе млади ракометари и Олимпијакос се исто така квалитетни тимови, во грчкиот тим има неколку играчи од врвна класа. Сигурно сите ќе дадат се од себе да го освојат трофејот, но јас предност им давам на македонските екипи“, продолжи Радовиќ.
Капитенот истакнува дека главната цел на Ловќен секогаш е иста – дупла круна во Црна Гора.
„Па нашите цели секогаш се исти – дупла круна во Црна Гора. Минатата година тоа го направивме, бевме без пораз во домашното првенство и во Лигата на Европа имавме добра престава, загубивме некои мечеви само со еден гол, но тоа ни е искуство за нареден пат. Оваа сезона го сменивме пристапот, ќе им даваме шанса на младите ракометари од нашиот град, тие добија предност пред странски засилувања. Минатата година беше успешна, но беше и тешка, исцрпувачка. Со новиот пристап, ќе работиме на шанса на младите ракометари, од кои еден ден и црногорската репрезентација би имала корист, и со добри настапи во клубот да се изборат за националниот тим“, заврши Радовиќ.
ЛОВЌЕН ЦЕТИЊЕ
дојдоа: Ѓорѓо Перуничиќ, Божо Брновиќ, Петар Радојичиќ, Саво Вујовиќ, Вуко Бориловиќ, Дарко Ѓурковиќ, Филип Рачковиќ, Радоје Вуковиќ
заминаа: Иван Перишиќ, Зарија Лутовац, Филип Борозан, Филип Кривокапиќ, Лука Вујовиќ, Михајло Шчекиќ, Милорад Бакиќ, Александар Мрваљевиќ
Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:
20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар
21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје
22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос
23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје
24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале