Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.
Покрај домаќинот Охрид, од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.
Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.
Вторпат на турнирот ќе игра и српскиот Партизан, кој беше учесник на првото издание во 2022 година и играше во финалето против Тиквеш. Актуелниот стратег на Партизан, Ѓорѓе Чирковиќ, кој работеше во Еурофарм Пелистер, очекува по турнирот во Охрид да добие повеќе одговори.
„Од турнирот во Охрид очекуваме да добиеме појасна слика и одговори, а во врска со неколку аспекти – проценка на формата на тимот, степенот на интеграција на новите играчи и работи што треба да ги коригираме до стартот на официјалните натпревари. Со оглед на тоа дека до стартот на првенството и по турнирот во Охрид ќе одиграме само уште два меча, очекуваме во тактичка и резултатска смисла да одговориме на барањата. Би требало да бидеме во комплетен и најсилен состав“, вели Чирковиќ.
Партизан ќе се соочи во групата со Целје, Вардар и Охрид, но не посочи конкретно кој тим е најголем фаворит за трофејот.
„Турнирот е силен, компетитивен и израмнет. Ми се чини дека нашата група е малку посилна, барем на хартија. Тоа ни одговара бидејќи преку натпреварите со силни ривали како Вардар, Целје и Охрид, ќе добиеме јасна слика на кое ниво се наоѓаме во моментот. Како што кажав, турнирот е израмнет по квалитетот на екипите, затоа за секој тренер е најважно во подготвителниот период да проба што повеќе комбинации, отколку да брка некоја пласман. Но сигурен сум дека ќе има и натпреварувачки набој“, продолжи Чирковиќ.
„Црно-белите“ и украдоа на Војводина еден трофеј минатата сезона, а сега посакуваат да бидат рамноправен ривал.
„Сакаме да бидеме достоен и рамноправен ривал во борбата за сите домашни трофеи, како и да направиме значаен исчекор во Европа“, заврши Чирковиќ.
Капитенот Никола Зечевиќ, беше дел од турнирот во првото издание, а сега повторно ќе биде предводник на Партизан.
„Како и секогаш, Партизан доаѓа со најголеми можни очекувања на секој натпревар. Очекуваме добар турнир, многу добар ракомет. Ги знаеме сите екипи, имавме прилика да играме против Вардар во СЕХА лигата, но ова е подготвителен турнир, екипите уште се воигруваат. Сите се засилени, па ќе треба време. Што се однесува до нашиот тим, се оди според планот, а се надевам дека така и ќе остане и дека ќе одработиме добри подготовки. Сметам дека екипата што ќе има најголем придонес од клупата, ќе го освои трофејот во Охрид, бидејќи се игра секој ден ќе биде напорно и треба секој да има свој придонес. Целите на Партизан во новата сезона се високи, составивме добра екипа и ќе ги нападнеме сите трофеи, но најважно е сите да останеме здрави и да го дадеме својот максимум“, изјави Зечевиќ.
Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:
20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар
21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје
22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос
23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје
24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале