Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.
Покрај домаќинот Охрид, на турнирот од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.
Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.
Српскиот тим Динамо Панчево доаѓа во Охрид со реновиран состав и со нов тренер на клупата. Досегашниот Драган Марковиќ го презема кавадаречки Тиквеш, а на негово место дојде асистентот, Никола Јаневски.
Тој за првпат ќе има главна улога во тимот што е меѓу најстарите српски клубови, кој е двократен шампион на некогашна СФРЈ. Последните десетина години, Динамо Панчево е редовен учесник во плеј-офот, како и во европските купови.
„Турнирот во Охрид ќе ни послужи како добра проверка за престојните натпреварувања во кои играме. Екипата ќе биде во комплетен состав, иако ќе ни недостигаат кадетските репрезентативци на Србија кои играат на ЕП. Се наоѓаме во група со три респектибилни тимови, кои претходната сезона играа значителна улога во домашните и европските натпреварувања, а ова лето и дополнително се засилија. Турнирот досега не бил вака квалитетен и израмнет и сигурен сум дека победникот ќе го одлучуваат нијанси. Што се однесува до нашите амбиции, очекувам оваа сезона да направиме чекор напред во однос на минатата која беше релативно успешна“, вели тренерот Јаневски.
Капитенот Никола Стаменковиќ вели добро ги познаваат сите противници.
„Со оглед на тоа што имаме многу нови ракометари и се уште се воигруваме очекувам дека од натпревар во натпревар ќе играме се подобро и на сите реномирани ривали ќе се обидеме да им покажеме дека имаме свој квалитет. Сите екипи што играат на турнирот се практично најдобрите екипи во регионот со кои досега сме играле повеќепати на турнири, пријателски натпревари или во Европа. Оваа сезона сите имаат значајни промени во ростерите, но суштински тоа се екипи што добро ги знаеме. Во предност ќе бидат оние екипи што почнаа порано со подготовки поради европските обврски. Примарна наша цел оваа сезона ќе биде да избориме пласман во завршницата на Купот на Србија и во плеј-офот од првенството“, изјави Стаменковиќ.
ДИНАМО ПАНЧЕВО
заминаа: Милош Грозданиќ, Стефан Илиќ, Никола Јездимириовиќ, Радован Остојиќ, Борис Дорњеи, Милош Костадиновиќ.
дојдоа: Бошко Станисављевиќ, Урош Колунџиќ, Лео Фејеш, Богдан Ѓуровиќ, Ѓорѓе Ранчиќ, Страхиња Илиќ, Сократис Харитонидис, Марко Тасиќ.
Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:
20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар
21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје
22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос
23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје
24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале