ОХРИД 2024: Целје му го нанесе вториот пораз на домаќинот

Домаќинот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, тимот на Охрид, загуби од словенечкиот Целје со 30-26 во второто коло од групната фаза. Клучно за триумфот на гостинскиот тим беше падот на Охрид во финишот на првото полувреме. Домашните потоа бркаа негатива, се доближија во два наврати и на минус еден во вториот дел, но немаше промена на резултатот.

„Гладијаторите“ одлично парираа и одржуваа резултатска рамнотежа. Имаше дури 11 израмнувања на резултатот до 11-11. Но охриѓани имаа голем пад во играта во финишот на полувремето, што беше искористено од тимот на португалскиот селектор Пауло Переира.

Откако Ојлески израмни на 11-11 во 24. минута, до крајот на полувремето избраниците на Стевче Алушовски не погодија. Сите грешки беа казнети преку Антонијевиќ и Ракита, па гостите си направија солидна залиха за на паузата од четири погодоци, 15-11.

Во вториот дел на голот на Охрид застана Градимир Чаневски и со неколку одбранети зицери во серија, го врати домашниот тим во игра. Предноста на Целје беше намалена на минус еден, откако се разигра и Бура, кој даде три гола по ред за 17-16.

Но следуваа неколку грешки во додавањата на Охрид, Козина одбрани два пати и Целје одново отиде на плус четири, 25-21, кога остануваа да се играат уште десетина минути до крајот на натпреварот.

Алушовски го повика последниот тајм-аут, но немаше никаква промена. Нападот продолжи без идеја, Целје даде уште два брзи гола и замина на шест гола позитива, 27-21. Охрид покажа борбеност до крајот, имаше и неколку зицер ситуации, но не беа искористени и на крајот словенечкиот тим рутински го доврши натпреварот.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Андраж Макуц со шест гола, додека пет постигна Вукашин Антонијевиќ. Голманот Жељко Козина одбрани седум удари на домашните и постигна еден гол. Во тимот на Охрид, шест гола имаше Цирар, а Чаневски запиша осум интервенции.

Дознајте ги сите новости поврзани со 3. издание на турнирот во Охрид во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.

,
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…