ОХРИД 2024: Целје доаѓа со реновиран тим и Португалецот Переира – очекуваме неизвесни натпревари

Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.

Покрај домаќинот Охрид, на турнирот од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.

Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.

Словенечкиот тим беше трет во шампионатот, па направи голема реконструкција и го ангажираше португалскиот селектор Пауло Переира.

„Ние сме во последната фаза на подготовките и сакаме да додадеме некои нови работи во нашата игра за време на натпреварите со квалитетните ривали. Но сакаме и да останеме сите здрави. Ќе ни недостига само пивотот Хесус Хуртадо, кој дојде во петокот и повредениот Леон Грегориќ“, вели Переира на почетокот.

Португалецот вели дека сите ривали се квалитетни, но дека главниот фокус ќе биде на играта на Целје.

„Сите ривали се добри, но ние ќе се фокусираме на нашата игра. Вардар е искусен состав, Партизан гради силен тим, а секогаш е тешко да се игра против домаќинот, а тоа е Охрид. Сепак ќе повторам, ние ќе се фокусираме на нашата игра. Мислам дека Вардар, Алкалоид, Олимпијакос и Целје се меѓу фаворитите за трофејот“, вели Переира.

Целје имаше многу промени во ростерот.

„Имаме нов, подмладен тим. Најпрво, мора да напредуваме од тренинг во тренинг, од меч во меч. Клуб како Целје секогаш има цел да се бори за највисоките места, па така ќе биде и претстојната сезона. Во исто време, сакаме овие млади играчи да се претворат во топ ракометари, и да прогресираат, а со тоа ќе дојдат и резултатите“, заврши Переира.

Капитенот на Целје, Жига Млакар, вели дека формата на тимот расте.

„Овој турнир ќе биде последна проверка пред стартот на сезоната. Одигравме досега три пријателски средби и нашата форма расте. Во Охрид доаѓаме со цел уште повеќе да ја подобриме формата и играта. Сите клубови против кои ќе играме имаат голема традиција и очекуваме три одлични натпревари. Имаме тешка група со поранешниот европски првак Вардар, Партизан е се подобар, а Охрид ќе биде опасен како домаќин. Вардар состави добар ростер и очекувам со нив да се бориме за прво место во групата, додека во другата група мислам дека ќе се борат Алкалоид и Олимпијакос. Како и да е, очекувам тесни натпревари со мала разлика“, вели Млакар.

Целје претстојната сезона ќе игра во Европскиот Куп.

„Целје е секогаш во борба за сите домашни трофеи. Во Европа сакаме да стигнеме што подалеку во Европскиот Куп, односно до финалето“, заврши Млакар.

ЦЕЛЈЕ

дојдоа: Хесус Хуртадо, Олександер Онуфриенко, Жељко Козина, Алекс Богнар, Андраж Макуц, Мај Јелен, Тио Маловиќ, Жига Белеј, Јан Чешек

заминаа: Игор Жабиќ, Стефан Жабиќ, Рок Мариќ, Рок Запоншек, Митја Јанц, Тим Цокан

Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:

20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар

21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје

22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос

23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје

24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале