Maкедонскиот првак Еурофарм Пелистер, кој е актуелен освојувач на турнирот „Крсте Андоновски“, оваа година нема да го брани трофејот.
Пелистерци се во турскиот град Болу, каде ќе бидат дел од „Купот на пријателството“, но во Охрид има многу некогашни ракометари на битолскиот тим.
Од грчкиот првак Олимпијакос, тука е средниот бек Јосип Периќ, како и тренерот Жељко Бабиќ, кои порано беа дел од Еурофарм Пелистер, додека со црногорскиот Ловќен, во Охрид настапува Мирко Радовиќ.
Во Вардар играат Марио Танкоски, а некогаш и десниот бек Томислав Јагуриновски, го носеше „зелено-синиот“ дрес. Во тимот од Автокоманда настапуваат Марко Кизиќ, Мартин Велковски, Никола Маркоски, Костадин Петров, Иван Галевски, како и Валентин Карасманакис.
Во Охрид во новата сезона играат Дејан Кукуловски, Даниел Ѓорѓески, Градимир Чаневски, Бобан Ристевски, Гоце Ојлески, Милорад Кукоски, Иван Тасески…а сите овие играа во Битола. Од Партизан во Охрид со тимот е левото крило Бојан Маџовски.
Покрај играчите, и тројца поранешни стратези на битолскиот тим – Стевче Алушовски, Жељко Бабиќ и Ѓорѓе Чирковиќ, кои сега ги водат Охрид, Олимпијакос и Партизан.